Од АСОМ се закануваат со радикални чекори доколку не се повлечат измените на Законот за игри на среќа

Владата вчера го утврди предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии. Според предложените измени, деловните простории на местата во кои се приредуваат игрите на среќа треба да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основните и средните училишта

Ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира. Ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект – ниту ќе се намали играњето на игрите на среќа ниту ризиците кои ги носат, туку ќе се отвори ново поле на нелегален профит и ризик за играчите, изјави Васко Илиевски од Асоцијацијата на спортски обложувачници на Македонија (АСОМ) на денешната прес-конференција откако Владата вчера го утврди предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии. Според предложените измени, деловните простории на местата во кои се приредуваат игрите на среќа треба да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.

„Наспроти овој лош закон, европската пракса е прецизна да се уреди одредена индустрија, активно да се едуцира населението, нешто што ние како организација самите го бараме и го спроведуваме самостојно. Може да бидеме партнер на Владата и на институциите во креирање на законите, но и во борбата против негативните последици бидејќи токму тоа е во наш интерес. АСОМ по којзнае кој пат бара итно повлекување на законот и формирање на работни групи помеѓу институциите и приредувачите на игри на среќа со цел носење на ефикасен и европски закон. ЕУ и претставниците на ЕУ во земјава да побараат увид во овој закон со кој се злоупотребува европското знаменце. Одговорно тврдиме дека нема никаков правен основ истиот да се носи под европско знаменце, ниту по скратена постапка, а со тоа да се скрати и дебатата“, 

рече Илиевски.

Доколку од Владата итно не бидат примени на состанок и на кој било начин се обидуваат да го протуркаат законот, тој нагласи дека ќе преземат радикални чекори.

Според Илиевски, овој закон де јуре значи дека објектите за игри на среќа ќе се оддалечат 500 метри од училиштата, а де факто значи гасење на индустријата, ставање преку 10 илјади вработени на улица и оставање отворени врати за диви обложувалчници и сива економија.

„За ова ќе ја известиме и ЕУ. Ќе бараме итно да се повлече законот од носење во таква процедура. Владата очигледно сака преку ноќ и без дебата да донесе закон во нечиј интерес, а ако е така треба да ни одговорат во чиј“, 

рече Илиевски.

Со реакција на одлуката на Владата денеска се јавија и од Асоцијацијата на приредувачи на игри за среќа (АПИС). Оттаму оценија дека предложените измени на Законот за игрите на среќа се погрешни и ќе доведат до штетни последици, не само по вработените во овие објекти туку и по државниот буџет, кој, како што велат, со ваквата одлука годишно би се намалил за 280 милиони евра.

Според АПИС, Владата со овие законски измени во суштина не сака да ги дистанцира од училиштата, туку целосно да ги затвори овие објекти иако, како што велат од Асоцијацијата, бизнисот со игри на среќа е целосно законски. Додаваат дека ако овој бизнис замре, тоа нема да доведе до ништо друго освен до тоа игрите на среќа да се играат на црно и без контрола од државата.

Од АПИС нагласија дека тие не се против измени во Законот за игри на среќа, туку се противат на нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани законски измени. Со ваквите погрешни одлуки кои ќе предизвикаат штетни последици, додаваат оттаму, Владата треба да се соочи уште сега.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons