Maкедонскиот е мајчин јазик за над 1,1 милиони жители, потоа најзастапени се албанскиот и турскиот јазик

Според податоците од последниот попис на населението, а сумирани последниве месеци, македонскиот е мајчин јазик за 1.127.394 постојани жители на Македонија од вкупното резидентно население кое изнесува 1.836.713 луѓе. На второ место е албанскиот кој е мајчин јазик за 447.001 жители, додека како трет јазик според застапеноста е турскиот, кој е мајчин јазик за 62.723 жители на Македонија. Покрај македонскиот, некој од словенските јазици застапени во поранешна Југославија е мајчин јазик за над 28 илјади жители.

Според тоа како се изјасниле самите граѓани за време на пописната операцијата, на четврто место според застапеноста е ромскиот јазик кој е мајчин јазик на 31.721 жители.

Од групата која би можела да се наведе како словенски јазици од поранешна Југославија, следуваат бошњачкиот, кој е мајчин јазик за 15.615 жители, српскиот како мајчин јазик на 11.252 жители, хрватскиот за 958 лица, српскохрватскиот за 416 лица, хрватскосрпскиот за 34 лица, црногорскиот за 87 лица и словенечкиот кој е мајчин јазик за 146 жители. Или, вкупно 28.535 жители говорат некој од словенските јазици кои беа застапени во поранешна Југославија и кои меѓусебе лесно се разбираат.

Влашкиот е мајчин јазик за 3.151 луѓе, а бугарскиот за 1.519 жители.

Инаку, на пописот по административен пат се собрани податоци за 132.260, односно толку лица не се теренски попишани и за нив не се изнесени податоци во поглед на јазикот. Нивните основни податоци се добиени од базата на податоци на повеќе државни институции.

Инаку, резидентното население во Македонија брои 1.836.713 жители, од кои  911.087 се мажи, а 925.626 се жени.

Македонскиот е мајчин јазик за 556.820 мажи и 570.574 жени, албанскиот за 222.777 мажи и  224.224 жени, додека турскиот е мајчин јазик за повеќе мажи, отколку жени – 31.816 мажи и 30.907 жени. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons