Илјада прегледи извршени во Заводот за говор и слух со опремата подарена од Јапонија
Со опремата донирана од Јапонија преку програмата за мали грантови, Заводот за рехабилитација за говор, слух и глас извршил околу илјада услуги за пациенти. На малата церемонија одржана во Заводот присуствуваа амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори и Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски. Јапонија досега, само за македонското здравство даде 3 милиони евра во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош, како и близу еден милион помош за справување со ковид-19.
Церемонијата беше организирана од страна на д-р Силвана Филипова, Директорката на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, во знак на благодарност за донацијата, соопшти Амбасадата на Јапонија
Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје да добие еден систем за биофидбек, една паметна ракавица, еден апарат вокаСтим Мастер и една паметна табла, сите наменети за справување со различни попречености, во вкупна вредност од 21,471 евра.
„Од почетокот на користење на апаратите во април оваа година, веќе околу 1,000 услуги се извршени за пациенти од целата држава”, информира д-р Филипова.
„Со оваа донација, значително е подобрен квалитетот на дијагноза и терапија на пациентите, а јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови“, рече амбасадорот Савада.
„Преку 1,000 интервенции се навистина импресивна бројка. Овој резултат на меѓуинституционална соработка помеѓу јапонската Амбасада, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, и кабинетот на претседателот на Македонија”, рече Ѓоргиевска.
Преку ГГП досега Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со ковид-19, потстува Амбасадата и информира дека шреку проектите од програмата за мали грантови Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.