Од 73 пресуди за дела против животната средина, само две се со казна затвор
Во текот на минатата година од 85 обвиненија поднесени за дела против животната средина, донесени биле 73 осудителни пресуди, од кои 62 биле со плаќање на парична казна, а три се затворски, две до 6 месеци и една до 1 година затвор. За узурпација на недвижности одговарале 35 лица, 34 за незаконски риболов, по шест лица за незаконски лов и за мачење животни, едно лице за незаконска експлоатација на минерални суровини, а три за други дела. Екоцид, новото кривично дело кое е предвидено во измените на Кривичниот законик кои се подготвуваат, предвидува строги затворски казни, дури и доживотни.
Против три лица осудени за кривични дела против животната средина и природата во 2021 година е изречена и конфискација на имот, а од 21 се одземени предмети.
Според анализата на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) за тоа кои се најчести кривични дела против животната средина за кои се изречени пресуди во периодот од 2017 до 2021 година, се узурпација на недвижност – 55 пресуди, незаконит лов и риболов – 20 пресуди, незаконска експлоатација на минерални суровини – 6 пресуди, мачење животни – 8 пресуди, пустошење шума – 3 пресуди и една пресуда за загрозување на животната средина и природата со отпад,
Висината на паричните казни, за овие дела, според анализата на ЦПИА за МИА, во најголем дел се движат во опсег од 300 до 500 евра, во пет пресуди е изречена казна во висина од 1 000 евра, а останатите казни се движат меѓу 600 и 800 евра.
Со последните измени во Законот за животна средина пак, има неколку категории на прекршочни санкции кои се движат од 20-50 илјади евра до 180 – 220 илјади евра во зависност од големината на правниот субјект.
Сепак, делото екоцид, кое ќе стапи во сила доколку се донесат измените во Кривичниот законик на што уште се работи, загадувањето на животната средина ќе биде на листата на најтешки кривични дела, бидејќи станува збор за масовно уништување на животната средина извршено со умисла.
Во пракса, затворски казни до 10 години па и доживотни за предизвикување пожари на шуми, излевање на нафта/ хемиски отпад, дренирање на блатски екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми. Казнување всушност на дела на уништување на природата до степен од кој тешко се обновува растителниот и животинскиот свет.