Белгија ја добива најголемата фабрика за сателити во Европската Унија
Белгискиот крал Филип вчера ја отвори фабриката која треба да стане најголем погон за производство на сателити во Европската Унија. Целта е да се одговори на растечката побарувачка за сателити и друга вселенска опрема во Европа, пишува Еуроњуз.
Фабриката се наоѓа во градот Шарлроа, на југот на Белгија, а со неа управува белгиската компанија Аероспејслаб. Меѓу другото, таму ќе се произведуваат сателити за европскиот проект ИРИС², кој треба да биде конкурент на сателитската мрежа Старлинк на Илон Маск.
„Растевме дури и побрзо отколку што планиравме“, изјави извршниот директор на Аероспејслаб, Беноа Депер. Тој истакна дека неговата компанија од мал стартап во 2018 година прераснала во голем проект кој денес придонесува за европската вселенска независност.
Големата фабрика во Шарлроа, град познат по аеродромот што го користат нискобуџетните авиокомпании и по напуштените погони од индустриското минато на Белгија, ќе има капацитет за производство на околу 500 сателити годишно.
Депер и неговите партнери во септември обезбедија договор вреден 2,4 милијарди евра за производство на 264 од вкупно 348 сателити планирани во рамките на проектот ИРИС².
Производството во големиот комплекс со овална форма, кој се простира на околу 20.000 квадратни метри, сè уште не е започнато. Вработените треба да се вселат во фабриката во јануари, а почетокот на производството е планиран до крајот на 2028 година.
Европа во последните години настојува да го зајакне својот вселенски сектор за да ги искористи сè поголемите економски можности што ги нуди вселената, но и да ја намали зависноста од други земји поради загриженоста за сигурноста на САД како партнер.



