Свет

На Бугарија ѝ се заканува казна поради буџетскиот дефицит, прва таква во ЕУ

Европската комисија објави дека на Бугарија ѝ се заканува парична казна до 23 милиони евра затоа што не го ставила буџетското трошење под контрола. Поради состојбата на јавните финансии, Брисел остро ја критикуваше и Унгарија. Нејзината казна сепак ќе се сведе на замрзнување на средствата од фондовите на Европската Унија, бидејќи парични казни до 0,02 проценти од БДП се предвидени исклучиво за членовите на еврозоната, пишува Политико.

Бугарија, од друга страна, би можела да биде погодена од обете мерки, а точниот износ сè уште треба да се одлучува. „Очекуваме одлука за казната на крајот од оваа година или многу рано на почетокот на следната година“, кажа еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис. Двете земји би можеле да останат без дел од средствата од фондовите на ЕУ ако до пролет не ги исполнат фискалните барања на Брисел.

Предупредувањата се објавени како дел од најновата рунда економски надзор, позната како Европски семестар. Овој механизам се користи за контрола на јавните финансии во период на прекумерно трошење и раст на долгот низ целата Унија.

Најавената казна за Бугарија има и симболична тежина затоа што земјата дури во јануари ѝ се приклучи на еврозоната. Доколку биде изречена, тоа ќе биде прв пат во историјата една земја да биде казнета за кршење на фискалните правила на ЕУ. Тие правила диктираат дека буџетскиот дефицит мора да биде под 3 проценти од БДП, а јавниот долг мора да биде помал од 60 проценти од БДП.

Бугарскиот долг е далеку под границата од 60 проценти, но се очекува буџетскиот дефицит да достигне 5 проценти од БДП оваа година. Брисел проценува дека Софија не направила доволно за да го реши тој проблем. Брисел беше најблиску до изрекување вакви казни пред десет години, во случајот со Шпанија и Португалија, но на крајот тие беа сведени на нула.

Европската Унија ги реформираше тие правила по пандемијата за да се справи со проблемот со растечкиот долг, кој се појави откако владите трошеа многу за да ги извлечат економиите од најлошата рецесија од Втората светска војна. Според новиот систем, казните се помали за да се направи нивната примена спроведлива, без дополнително да се загрозат финансиите на државите членки.

„Идејата беше дека големите казни ќе ги одвратат земјите од кршење на правилата“, кажа Домбровскис. Сепак, објасни тој, се покажа дека токму тие високи казни ја направија нивната примена непожелна. „Затоа ги направивме казните значително помали и полесни за примена, за да не ги комплицираме дополнително фискалните проблеми на државите членки“, додаде еврокомесарот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons