Драма кај Демир Капија: Алпинист паднал од карпа, припадници на „Волци“ помогнале во спасувањето
Шеесет и едногодишен алпинист од Србија се здобил со тешки телесни повреди при пад од карпа во реонот на старите тунели кај Демир Капија. Во неговото спасување интервенирале припадници на специјалната единица „Волци“ при Армијата, кои во близина изведувале алпинистичка вежба.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен вчера, 21 ноември, во 13:35 часот во ОВР Неготино.
Повредениот е С.Ж. (61) од Србија, главен инструктор во планинарско-спортското друштво „Стена“ од Белград, кој се искачувал заедно со уште шест алпинисти од Србија по претходно поставена алпинистичка насока.
Според пријавеното, инструкторот предупредил дека карпите се кршливи и лизгави, а во еден момент при искачувањето се откорнало парче од карпата, по што тој паднал.
„При паѓањето, А.Т. кој го обезбедувал јажето, успеал да го задржи на висина од околу 15 метри од земјата“, се наведува во полицискиот билтен.
Во близина на несреќата се наоѓале припадници на специјалната единица „Волци“, кои изведувале вежба за алпинизам и веднаш се вклучиле во спасувањето.
„Од страна на специјалната единица при АРМ „Волци“, кои биле во близина на настанот и изведувале вежба за алпинизам, му била укажана првична помош и го извлекле лицето на безбедно и пристапно место“, информираат од МВР.



