Магазин

Овие четири преработени намирници го намалуваат ризикот од мозочен удар, според експерти

Преработената храна не мора нужно да се најде на списокот на намирници што треба да се избегнуваат заради спречување мозочен удар.

Многу такви производи нудат практичен и достапен начин за внесување на хранливите материи што му се потребни на организмот, па не треба автоматски да ги отфрламе само затоа што доаѓаат во конзерва, ќесичка или тетрапак.

Иако ниту една намирница сама по себе не може да спречи мозочен удар, целокупната исхрана има важна улога во намалувањето на ризикот. Нутриционистите издвојуваат четири преработени намирници кои добро се вклопуваат во планот за исхрана за зачувување на здравјето на срцето и мозокот, пишува „Итинг вел“.

Конзервиран лосос

Готвењето и конзервирањето го прават свежиот лосос преработена намирница, но тоа не значи дека треба да се избегнува. Конзервираниот лосос е достапен и практичен извор на протеини и омега-3 масни киселини, истакнува клиничкиот диететичар Александер Лериц.

– Лесно може да се додаде во салати, сендвичи или оброци со житарки, за брз и едноставен оброк – додал Лериц.

Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање риба е поврзано со помал ризик од мозочен удар, а придобивките од лососот делумно произлегуваат од неговата висока содржина на омега-3 масни киселини.

Некои докази укажуваат дека повисоките нивоа на докозахексаенска (DHA) и еикозапентаенска киселина (EPA) во крвта се поврзани со помала веројатност за мозочен удар. За поддршка на здравјето на срцето се препорачува консумирање две порции риба неделно.

Обичен јогурт со ниска масленост

Иако се смета за преработена храна, јогуртот е извор на важни хранливи материи, меѓу кои калциум, фосфор и калиум. Овие хранливи материи, заедно со другите состојки на млечните производи, го сочинуваат таканаречениот млечен матрикс, објаснува диететичарката Киран Кембел.

Се смета дека токму оваа комбинација на хранливи материи и други соединенија може да придонесе за позитивните ефекти на млечните производи врз здравјето.

Истражувањата укажуваат дека поголемото консумирање јогурт е поврзано со намален ризик од мозочен удар. Ферментираните млечни производи, како јогуртот, можат да го поддржат здравјето на цревата и да влијаат врз воспалителните процеси, што потенцијално придонесува за овие придобивки.

Пробиотиците во јогуртот ги поддржуваат корисните бактерии во цревата, кои помагаат во ферментацијата на влакната и создавањето масни киселини со краток синџир. Овие соединенија можат да влијаат врз метаболизмот на холестеролот и на тој начин да го намалат ризикот од мозочен удар.

Најдобро е да се избере обичен јогурт со ниска масленост, за да се внесат протеини и други хранливи материи без големо количество додаден шеќер.

Овес

Сите видови овес, вклучително и крупните и инстант овесните снегулки, поминуваат низ одреден степен на обработка, но сепак се сметаат за интегрални житарки и можат да бидат хранлив додаток во исхраната.

– Пресувањето и сечењето на целото овесно зрно го олеснуваат готвењето, а притоа се задржува неговиот статус на интегрална житарка – рекол Лериц.

Овесот е одличен извор на растителни влакна, а една шолја суви овесни снегулки содржи осум грама. Особено е богат со растворливи влакна бета-глукан, кои помагаат во намалувањето на ЛДЛ, односно лошиот холестерол. Високото ниво на ЛДЛ-холестерол може да придонесе за таложење наслаги во артериите, што го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и мозочен удар.

Дополнително, истражувањата покажуваат дека исхраната богата со растителни влакна може да помогне во намалувањето на маркерите на воспаление.

Тофу

Сојата поминува низ процес на обработка за да се добие тофу, но тоа не значи дека оваа намирница треба да се избегнува. Тофуто е хранлив растителен извор на протеини, кој истовремено обезбедува и растителни влакна и изофлавони, природни растителни соединенија.

– Едно истражување спроведено меѓу постари лица во Кина покажало дека консумирањето производи од соја два до трипати неделно е поврзано со околу 33 отсто помал ризик од мозочен удар, додека консумирањето четири или повеќе пати неделно е поврзано со речиси двојно помал ризик – објаснила Кембел.

Растителните влакна, протеините и изофлавоните од сојата придонесуваат за нејзините здравствени придобивки. Освен тоа, истражувањата укажуваат дека поголемиот внес на соја би можел да биде поврзан со понизок крвен притисок.

Бидејќи високиот крвен притисок е главен фактор на ризик за мозочен удар, вклучувањето производи од соја, како тофуто, во урамнотежената исхрана може да придонесе за зачувување на здравјето на крвните садови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons