Спорт

Македонија против Шкотска за прекин на ужасната серија

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Шкотска во натпревар од третото коло во Лигата на нации.

Натпреварот е нов, мисијата е иста, да се прекине ужасната серија и да се израдува македонската нација.

Македонија последен пат победила пред повеќе од една година, тоа беше мечот против Лихтенштајн на 7. септември 2025. Оттогаш минаа 10 натпревари, на кои имаме пет порази и пет нерешени средби.

Го чекаме и првиот гол под водство на Гоце Седлоски, минаа шест натпревари, уште не сме ја затресле противничката мрежа.

Последен кој даде гол беше Бојан Миовски, погоди во 23. минута од дебаклот во Велс кога загубивме со 7-1. Минаа 607 минути оттогаш, не се нашол херој кој ќе постигне гол за Македонија.

Нашата репрезентација е во криза, но и Шкотска во моментов не е сјајна. Тие немаат победа на последните четири меча, имаат три порази и едно реми. На ниту еден од овие четири натпревари немаат дадено гол. Па вечерва ќе гледаме натпревар на две селекции кои се во сериозен голгетерски пост.

Гоце Седлоски на првите два натпревари извади два различни состави, против Швајцарија играа поискусните, против Словенија тимот беше составен од фудбалерите кои се стандардни во своите клубови, а тоа донесе поразличен лик. Се очекува денеска составот на селекторот да биде некој спој од младост и искуство. Тој ги има сите фудбалери во строј, сите се здрави, се опорави и Алиоски кој ќе биде во комбинација за настап на вечерашниот меч.

Според информациите од ФФМ, денеска се очекува помал интерес од македонските навивачи, помалку карти се продадени во однос на мечот со Швајцарија, но се очекува сериозна бројка на шкотски фанови, околу 3.200 претставници на „Тартан Армијата“ ќе бидат на арената.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons