Свет

Потпишан договорот за Гренланд – Америка ќе добие воени бази, а островот останува полуавтономен

Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерите на Данска и на Гренланд вчера потпишаа договор со кој се овозможува поголемо американско воено присуство на островот и се отвора можност за смирување на неколкумесечниот спор, објави „Ројтерс“.

Договорот беше потпишан за време на посетата на Трамп на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Со него не се исполнува неговото барање САД да го припојат Гренланд и да го претворат во американска територија за да го ограничат растечкото присуство на Русија и на Кина на Арктикот.

Сепак, договорот предвидува зголемување на американското воено присуство на островот. Оваа опција се појави откако лидерите на Гренланд се спротивставија на целосно преземање на островот од страна на САД.

Според договорот, САД можат да воспостават систем за противракетна одбрана „Златна купола“ на Гренланд за заштита од балистички ракети. Најкраткиот воздушен пат меѓу Европа и Северна Америка минува над арктичкиот остров, каде што се наоѓа и најсеверната американска воена база.

Трамп во говорот пред светските лидери во ОН изјави дека договорот им дава на САД „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на таа територија“.

„На ниту еден противник на САД повеќе нема да му биде дозволено да воспостави воено присуство на Гренланд или да прави чувствителни инвестиции таму без наша изречна писмена согласност“, рече Трамп.

Договорот Трамп го потпиша заедно со данската премиерка Мете Фредериксен и со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.

Фредериксен го опиша договорот како нешто што може да „трае засекогаш“ и рече дека тој ја нагласува важноста на НАТО и го почитува правото на Гренланд на самоопределување.

Гренланд некогаш бил данска колонија, а денес е полуавтономна територија во рамките на Кралството Данска. Островот се наоѓа меѓу Арктикот и Северна Америка и располага со големи енергетски ресурси.

САД веќе ја користат вселенската база Питуфик во оддалечениот северозападен дел на Гренланд. Со новиот договор се отвора можност за користење на уште две воени локации – Нарсасуак, поранешна воздухопловна база од времето на Студената војна, каде што денес живеат само неколку десетици луѓе, и Местерсвиг, која моментално ја користи данската единица на специјалните сили „Сириус“ за патролирање со санки.

„Веднаш ќе започнеме со процесот на воспоставување големо воено присуство на соодветната локација. Ќе изградиме две многу големи воени бази“, рече Трамп.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons