МакедонијаНајново

На 23 септември продолжува доказната постапка за случајот со Државна лотарија

Судењето за случајот „Државна лотарија“ продолжува на 23 септември со доказна постапка и изведување на материјалните докази од страна на Обвинителството. На денешното рочиште, првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се изјасни дека не се чувствува виновен.

Судот одлучи доказите да се изведуваат на начин предложен од Обвинителството, односно со нивно читање и објаснување на која околност се однесуваат. На ваквата одлука реагираше адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов, кој побара доказите да бидат презентирани во целост, бидејќи, како што рече, станува збор за предмет од голем јавен интерес.

Одлуката на судот остана непроменета, а Обвинителството побара изведувањето на материјалните докази да започне на следното рочиште. Обвинителите посочија дека до тогаш ќе можат да ја конципираат листата на докази на начин што ќе биде појасен за одбраната и ќе ја намали потребата од дополнителни појаснувања.

По денешното рочиште, адвокатот Миланов изјави дека во продолжение на постапката ќе бидат изведувани материјални докази со кои, според одбраната, ќе се оспоруваат наводите од обвинението.

„Сето она што е неоспорно по својата содржина и ќе биде прочитано и презентирано за сите, и судот, и Обвинителството, и обвинетите, а и јавноста, да може да видат дали тие докази го поткрепуваат обвинението или не даваат основа за неговото поднесување“, рече Миланов.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто актуелниот директор на „Државна лотарија“ не е предложен како сведок од страна на одбраната, Миланов појасни дека тој веќе се наоѓа на листата сведоци на Обвинителството.

„Не можам да го предложам како сопствен сведок затоа што веќе е сведок на Обвинителството. Одбраната побара само право дополнително да го испрашува, односно право на директно испрашување“, изјави Миланов.

На прашањето дали во постапката ќе биде повикан поранешниот министер за финансии, Фатмир Бесими, Миланов одговори дека тој не се наоѓа на неговата листа на предложени докази.

На судењето, кое започна минатата недела, сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, освен Бајрами, кој на првото рочиште сè уште беше недостапен за органите на прогонот, и обвинетиот Башким Авди, кој тогаш изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик. На денешното рочиште и Авди се изјасни дека не се чувствува виновен.

Покрај Бајрами и Авди, поранешниот вицепремиер Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски се товарат дека ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

Откако ја напушти земјата, за Бајрами беше распишана меѓународна потерница. На 9 септември тој сам се предаде на граничниот премин Блаце, по што беше спроведен во затворот во Скопје за издржување на претходно определената мерка притвор.

Претходно во бегство беше и поранешниот вицепремиер Груби, кој во февруари годинава им се предаде на органите на прогонот, по една година помината во бегство.

Обвинението во овој случај го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а процесот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons