МакедонијаНајново

Спакувани се 450 тони линдан и 200 тони контаминирана земја од ОХИС, но уште чекаат извоз 

Околу 450 тони линдан и 200 тони контаминирана земја се спакувани во специјализирани буриња и контејнери и чекаат да бидат извезени на безбедно уништување. Со ова, заврши првиот дел од проектот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС, кој се реализираше со поддршка на УНИДО.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека чистењето на опасниот пестицид продолжува во рамките на вториот дел од проектот во соработка со УНОПС. Во следните десетина месеци ќе треба да се исчистат и преостанатите околу 2.000 тони линдан и нешто помалку од 3.000 тони контаминирана земја. Пестицидот треба да замине во инсценератор во Франција, каде што ќе биде спален. Земјата, пак ќе се транспортира во контејнери до Холандија, каде термално ќе се обработи.

Откако минатиот месец се одложи првиот извоз, хемикалијата е складирана во дворот на ОХИС. Од Министерството велат дека пакувањата се целосно безбедни и дека од тој аспект нема разлика во кој период ќе бидат транспортирани и извезени.

„Првата пратка сè уште не е тргната, во меѓувреме се спакувани и преостанатите количини на изомерите на линданот од малата депонија. Нашите очекувања се дека до крајот на неделата или најдоцна во текот на наредната ќе тргне првиот транспорт“, велат во Министерството за животна средина.

Во меѓувреме, посочуваат, проектот за чистење на малата депонија продолжува со ист интензитет. Според најновите пресметки, ќе се дислоцира многу повеќе линдан од досегашните претпоставки, меѓу 2.500 и 3.000 тони, наместо 1.600 како што се мислеше пред почетокот на проектот и околу 3.000, а не над 4.000 тони земја.

Опасниот пестицид во ОХИС го има и во големата депонија, за која се претпоставува дека може да содржи и десетпати повеќе опасна хемикалија отколку малата. Засега нема ниту претпоставки колку линдан е закопан во третата депонија кај месноста Пеленица кај Драчево.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со најмалку 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.

Некогашната фабрика, а сега едно од најголемите историски еколошки жаришта во земјава, пред започнувањето на проектот во малата депонија, беше исчистена и од 64 тони заостанати залихи на уште десетина опасни хемикалии што со децении исто така биле собирани и складирани во кругот на ОХИС.

За две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа изнесени 81 боца и еден контејнер со хлор во Србија, 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер, 17 тони опасен отпад од метанол, 14 тони опасен отпад од хемикалии со непознат состав, 4,2 тони иницијатори и 5,3 тони отпадни хемикалии, односно отпадни киселини, алкохоли и растворувачи, како и 13 тони на винил хлорид мономер.

извор: Мета

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons