Повеќе вакцини во депонија отколку искористени за граѓаните 

Едвај 200 граѓани неделно ги посетуваат пунктовите за вакцинација против Ковид-19. Најголем број од нив се за трета доза. За прво боцкање речиси и да нема интерес. И покрај големите количини кои ги има земјата како залиха, дополнително МЗ објави дека добивме донација од Хрватска и тоа 100 000 дози од Модерна која за прв пат е достапна за македонските граѓани. Рокот на траење на американската вакцина е до крајот на октомври и по одобрувањето од МАЛМЕД надлежните ќе ја препорачуваат како бустер за што досега беше достапен само производот на Фајзер.

– Вакцините на модерна се со рок на употреба до октомври 2022г. Научните студии покажуваат дека може да се прими како трета и четврта доза и дека комбинацијата на модерна како трета доза по две примени фајзер вакцини создава уште поголема заштита, велат од МЗ.

И додека добиваме донации, 380 000 дози од Фајзер чекаат интерес од населението, но само до август кога им истекува рокот на траење и ќе бидат повлечени од употреба. Надлежните подготвуваат документација за уништување на околу 90 000 дози кои граѓаните можеа да ги користат до 31 мај. Во печката за медицински отпад во Дрисла годинава изгореа милиони евра или околу 220 000 дози од Фајзер и останати производители поради поминат рок.

– Во моментов има на располагање 380 илјади дози на Фајзер. 220 000 дози досега уништени од Фајзер и од други производители. Повлечени од употреба околу 90 000 дози Фајзер, потврдуваат од МЗ.

Дали и моменталните речиси 500 000 вакцини ги чека истата судбина зависи од краткиот период што го имаат здравствените власти за да ги мотивираат особено ризичните групи да бидат заштитени.

Дополнително според најавите од Министерството треба да бидат набавени и околу 10 000 педијатриски вакцини кои првично требаше да стигнат во март.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons