Опасни пожари во Грција – со куфери во рацете вечерва се евакуираат илјадници туристи
Големи шумски пожари беснеат во повеќе делови на Грција, а најтешка е состојбата на островот Крит, каде што животот го загубија двајца пожарникари за време на интервенција.
Дополнително, уште еден пожарникар почина од здравствени компликации додека учествуваше во гаснењето на пожар во областа Гитија на Пелопонез.
Во моментов активни се неколку големи огнени фронтови во Ретимно и Ситија на Крит, како и кај Пломари на островот Лезбос.
Во Ретимно пожарот се проширил на фронт долг околу 15 километри, уништувајќи шуми и земјоделски површини и загрозувајќи повеќе населени места. Поради силниот ветер и брзото ширење на огнот, евакуирани се повеќе населби, а над 700 жители се префрлени на безбедни локации.
Крајбрежната стража и приватни пловни објекти спасиле најмалку 29 лица од крајбрежните области.
Сериозна е состојбата и во источниот дел на Крит, каде што изгореле две противпожарни возила, а двајца пожарникари се хоспитализирани со изгореници.
На островот Лезбос е наредена итна евакуација на градот Агиос Исидорос, додека еден пожарникар се здобил со скршеница на ногата при интервенцијата.
Евакуацијата на Агиа Галини е во тек по пораката на бројот 112.
Сите надлежни органи за сместување на жителите и туристите од Агиа Галини се во состојба на зголемена готовност, каде што е издадена порака преку бројот 112, со која се повикуваат оние во областа да се евакуираат во Тимпаки, следејќи ги упатствата на властите.

Министерството за климатски кризи и цивилна заштита, Министерството за туризам, регионот Крит и општините Агиос Василиос и Фестос соработуваат за безбеден транспорт на оние во областа.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изрази сочувство до семејствата на загинатите пожарникари и порача дека земјата се соочува со сè потешки предизвици поради екстремните временски услови.

Во разговор за АПЕ-МПЕ, Михалис Христофоракис, член на Здружението на хотелиери од Ретимно и хотелиер во Агиа Галини, изјави дека во моментот на евакуацијата, пожарот немал визуелен контакт со населбата.
Како што рече, посетителите и жителите ги следат упатствата од пораката 112, која ги упатува кон Тимпаки, нагласувајќи дека нема паника.
Според неговата проценка, во моментов има приближно 2.000 туристи во Агиа Галини , додека хотелските бизниси во областа остануваат во постојана комуникација со надлежните органи, внимателно следејќи го развојот на пожарот и помагајќи каде што е потребно.







