Финансиска полиција приведе повеќе лица во истрага за тендер во Царина, меѓу нив и Стефан Богоев
Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство, денеска спроведе акција во рамки на истрага за наводни злоупотреби поврзани со тендерска постапка во Управата за царинско работење.
Според првичните информации, во акцијата се обезбедени четири лица, меѓу кои е и поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, кој во минатото беше потпретседател на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош.
Меѓу лицата опфатени со истрагата е и Александар Спирковски, познат како Џемо, од Прилеп.
Осомничените се товарат за злоупотреби, финансиски малверзации и сомнежи за незаконитости поврзани со постапка за јавна набавка. Во оваа фаза од постапката, надлежните институции не откриваат повеќе детали за предметот.
Се очекува во текот на денот Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство да соопштат дополнителни информации за истрагата и за конкретните сомнежи кои им се ставаат на товар на осомничените.



