Законот за пушење во вторник пред пратениците – ќе го намили ли бројот на пушачи неговото стапување во сила?
Предлог-законот за заштита од пушењето е во завршна фаза и се очекува во вторник да се најде на дневен ред пред пратениците, по што ќе започне собраниската процедура за негово усвојување. Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека законот е речиси финализиран и оти се затворени сите прашања со засегнатите страни.
Според најавите, законот најпрво ќе помине владина процедура, по што ќе биде доставен до Собранието, каде ќе се разгледува и евентуално усвојува во наредниот период. Министерот очекува целиот процес да заврши во рок од околу месец и половина.
Една од клучните информации се однесува на условите за пушење во угостителските објекти. Наместо досегашниот предлог за три отворени страни, решението е прилагодено на реалните можности на објектите, па ќе бидат доволни две отворени страни. Како дополнителна опција, ќе се дозволи и покрив што се отвора, кој ќе се смета како отворен простор и ќе овозможи брзо проветрување.
Дополнително, угостителите ќе треба да обезбедат и посебен влез за делот каде што е дозволено пушење, со цел да се заштитат непушачите и да се овозможи јасна физичка одвоеност на просториите.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека крајната цел на законските измени е значително намалување на бројот на пушачи во земјава. Според податоците, моментално околу 45 проценти од населението пуши, а планот е во наредните две години овој процент да се преполови.



