Македонски шмек на „Ол-старот“: Еден од најдобрите во НБА носеше патики од Сатја Грабулоски
Викендов во Лос Анџелес се одржа најголемиот кошаркарски настан во годината, натпреварот на најдобрите кошаркари од НБА лигата.
А на „Ол-стар“ натпреварот, еден од најдобрите кошаркари во моментов, Џејлен Браун од Бостон Селтикс, носеше патики дизајнирани од нашиот Сатја Грабулоски и неговото „SWithADot“ студио.
Патиките се изработени по директна комуникација на Грабулоски со Браун, кој самиот ги даде насоките за уникатните патики што ги носеше. Браун ги носеше овие патики и за официјалното фотографирање на играчите пред нивниот настап на „Ол-стар“ викендот. За патиките кои ги изработи за кошаркарот и комуникацијата со него, Грабулоски вели:
„Да соработуваш со еден од најдобрите кошаркари во моментот во светот е уживање – посебно кога се работи и за одличен човек и интелект. Сигурно многу луѓе не знаат, но Џејлен, меѓу другото е и предавач на Универзитетот МИТ, па неговата љубов кон бројките и космосот се пресликани во еден пар патики кој ноќеска ги носеше на „Ол-стар“ викендот во НБА. Разговараме и на тема Македонија, па при некоја следна посета на Европа, се надевам ќе го прошетаме низ Скопје“.
Ова не е прва соработка на Грабулоски со луѓе кои се меѓу најзначајните во NBA. Во деловната биографија на „SwithADot“ се запишани и имињата на Шекил О’Нил, Леброн Џејмс, Никола Јокиќ, Јанис Адетокумбо, Двејн Вејд, Ален Ајверсон, Кармело Ентони, Богдан Богдановиќ и многу други




