Филмска сцена на патот Охрид – Струга и кај Дебрца: Возач со кола влетал кон полицајци, избегал, се вратил со друга и пак тргнал кон нив
Двајца млади охриѓани биле уапсени по драматичен инцидент на регионалниот пат Охрид – Струга, откако возачот на колата во која се возеле се обидел да избега и со возилото директно тргнал кон полицајци, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил вчера околу 16 часот, кога криминалистичка патрола на СВР Охрид се обидела да запре патничко возило „поло“ со охридски регистарски таблички. Автомобилот го управувал Е.О. од Охрид, а со него биле и двајцата сопатници – 20-годишниот А.А. и 24-годишниот Ј.Ј.
Наместо да застане, возачот нагло ја зголемил брзината и со автомобилот се упатил директно кон полицајците, по што избегал од местото на настанот. Кратко потоа, полициските екипи ги пронашле сопатниците во селото Требеништа, во општина Дебрца, каде што биле уапсени.
Драмата продолжила и подоцна. По извесно време, на местото се појавил и возачот Е.О., овој пат зад воланот на „фолксваген туран“, при што повторно со голема брзина се упатил кон полицајците и уште еднаш избегал.
Од полицијата информираат дека потрагата по возачот е во тек.



