Косово го забранува хиџабот во училиштата
Врховниот суд на Косово ја потврди одлуката за забрана на носење хиџаб во училиштата, сметајќи дека е во согласност со кодексот на облекување утврден од Министерството за образование, наука, технологија и иновации. Судот ја отфрли тужбата поднесена против одлуката од Мрежата за професионален развој на жените Арита, објавува Кликс.ба.
Организацијата Арита тврди дека забраната за носење шамија во јавните образовни институции е неоснована и претставува облик на дискриминација. Во нивната тужба се наведува дека бројни девојки биле исклучени од училиштата или им било забрането да посетуваат настава во текот на изминатите четири години само затоа што носеле шамија.
По жалбите од средношколките, Арита поднесе жалба до Врховниот суд барајќи поништување на спорната одлука. Сепак, судот ја отфрли жалбата, тврдејќи дека Министерството за образование има законско овластување да ги утврди правилата на однесување и кодексот на облекување за учениците, во согласност со Законот за предуниверзитетско образование и Законот за стручно образование и обука.
Забраната за носење шамија во училиштата предизвикува жестоки дебати во Косово со години, каде што околу 92 проценти од населението се муслимани. Прашањето првпат стана предмет на поширока расправа во 2010 година, кога со административните упатства на министерството се воведе забрана за таканаречените „религиозни униформи“, што ја вклучуваше и шамијата.
Исламската заедница на Косово остро се спротивстави на одлуката во тоа време, велејќи дека шамијата не е „религиозна униформа“, туку дел од религиозната обврска на секоја муслиманка.



