Бускетс заминува во пензија
Еден од најдобрите дефанзивни играчи за врска во историјата на фудбалот Серхио Бускетс донел одлука да стави крај на својата професионална кариера по завршувањето на оваа сезона, тврдат шпанските медиуми.
Наскоро тој официјално ќе го објави тоа, а од фудбалот ќе се прости во ноември или декември, во зависност од тоа до каде ќе стигне Интер Мајами во МЛС. Договорот меѓу Бускетс и тимот од Флорида е со важност до крајот на 2025 година и јасно е дека нема да биде продолжен бидејќи поранешниот шпански репрезентативец завршува со активно играње.
Бускетс е еден од најтрофејните фудбалери на сите времиња, освои се што можеше да се освои, а беше дел од најуспешната генерација во историјата на Барселона и шпанската репрезентација. Член на Барса беше од 2008 до 2023 година и во тој период одигра 722 натпревара и освои 32 трофеја. Оттаму си замина како капитен, кревајќи го шампионскиот трофеј во Ла Лига во 2023 година. Со националниот тим на Шпанија учествуваше во освојувањето на Светското првенство во 2010 и Европското две години подоцна, одигра 143 натпревари за „фуријата“ со што е на третото место на вечната листа зад Серхио Рамос и Икер Касиљас, а еден од двата гола за националниот тим постигна против Македонија во 2014 година.
Последните две години тој е член на Интер Мајами, заедно со поранешните соиграчи од Барселона, Лионел Меси, Жорди Алба и Луис Суарез.