Свет

Трамп: Путин ме изневери 

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека решавањето на војната во Украина е посложено отколку што очекувал и дека рускиот претседател Владимир Путин го изневерил.

„Тој ме изневери. Навистина ме изневери“, кажа Трамп на прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер, според Ројтерс.

Тој одговори негативно кога беше прашан дали средбата со Путин на Алјаска била грешка.

На средбата, според Стармер, тие разговарале за начини за зголемување на воената поддршка за Украина.

Трамп е во официјална посета на Велика Британија.

Стармер кажа дека тој и Трамп „апсолутно се согласуваат“ за потребата од мировен план меѓу Израел и Палестина, но американскиот претседател рече дека не се согласува со земјите што ја признаваат Палестина како држава.

„Апсолутно се согласуваме за потребата од мир и мировен план, бидејќи ситуацијата во Газа е неподнослива“, им кажа Стармер на новинарите откако двајцата одржаа билатерална средба.

Притиснат од новинарите поради извештаите дека чека Трамп да ја напушти земјата пред формално да ја признае палестинската држава овој викенд, Стармер одговори:

„Ја искажав мојата позиција за временската рамка на крајот на јули и тоа нема никаква врска со оваа државна посета.“

„Разговарав за тоа со претседателот, што е очекувано меѓу двајца лидери кои се почитуваат и ценат едни со други и кои сакаат да постигнат подобро решение на најдобар можен начин“, додаде тој.

На прашањето за земјите што признаваат палестинска држава, Трамп кажа: „Имам несогласување со премиерот за тоа, всушност едно од нашите ретки несогласувања.“

Стармер кажа дека е важно договорот со Франција за враќање на мигрантите да функционира, со цел да се контролира бројот на оние што доаѓаат, додека Трамп го повика да употреби воена сила доколку е потребно, објави Ројтерс.

„Имате луѓе што доаѓаат и му реков на премиерот дека би го спречил тоа“, им кажа Трамп на новинарите. „И не е важно ако ја употребите војската, не е важно какви средства ќе користите, но тоа ќе ги уништи… земјите одвнатре.“

Стармер одговори дека во врска со договорот „еден за еден“ на Британија со Франција, важно е да можат да докажат дека може да се спроведе.

Британскиот премиер оцени дека земјата „жестоко“ ја штити слободата на говорот, но нагласи дека постои ограничување кога се користи за поттикнување вистинска штета.

„Слободата на говорот е една од основните вредности на Британија и ние ја заштитуваме љубоморно и жестоко, секогаш ќе ја заштитуваме“, кажа Стармер.

„Јас правам разлика помеѓу слободата на говорот и говорот на оние кои сакаат да им наметнат педофилија и самоубиство на децата преку социјалните мрежи и затоа сум целосно за слободата на говорот“, кажа тој, додавајќи дека слободата на говорот постои во Британија „многу долго време“ и дека секогаш ќе биде заштитена.

Претседателот на САД рече дека Вашингтон е блиску до постигнување договор со Кина за префрлање на сопственоста на социјалната мрежа Тикток на американски компании, но дека може да го продолжи рокот за повлекување на кинеската сопственост.

„Доста сме блиску до договор. Можеби ќе направиме продолжување со Кина, но тоа е продолжување врз основа на истите услови што ги имаме сега, кои се прилично добри услови.“

Трамп кажа дека ќе разговара за Тикток со кинескиот претседател Си Џинпинг во петок. Во вторник, тој потпиша извршна наредба со која се одложува спроведувањето на законот од 2024 година, кој бара повлекување на кинеската сопственост на Тикток до 16 декември.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons