Финска и Шведска доаѓаат на состанокот на НАТО, Турција се противи на проширување на алијансата
Министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат викендов во Берлин за да разговараат за долгорочна стратегија, земајќи го предвид можниот влез на Финска и Шведска. Геополитичкото влијание на НАТО нагло се зголеми по руската инвазија на Украина и наскоро би можело да добие нови членки.
Владејачката социјалдемократска партија на Финска денеска треба да го соопшти својот став за можното приклучување во НАТО. Финскиот државен врв во четвртокот објави дека Финска мора да поднесе барање за членство во НАТО „без одлагање“, што е голем пресврт во политиката поттикната од руската инвазија на Украина.
Поддршката на социјалдемократите би значела дека мнозинството од финскиот парламент е за влез во НАТО, со што би се отворил патот за кандидатура во наредните денови.
Шведските владејачки социјалдемократи утре треба да одлучат дали ќе се откажат од децениското противење на членството во НАТО, што речиси сигурно ќе доведе до тоа Шведска да побара членство во Алијансата. Министрите за надворешни работи на шведската и финската дипломатија Ен Лиде и Пека Хаависто треба да присуствуваат на состанокот на НАТО. Данска, Норвешка и Исланд се членки на НАТО од неговото основање.
Москва вели дека проширувањето на НАТО во Финска и Шведска ќе биде непријателски гест и ќе претставува дополнителна закана за нејзината безбедност, таа вети дека ќе одговори на потегот.
Кандидатурата на Финска и Шведска треба да биде одобрена од сите 30 земји.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот рече дека членството на Финска и Шведска во НАТО ќе биде „грешка“, како што беше ѝ пристапувањето на Грција во Северноатлантската алијанса.
На дводневниот состанок чиј домаќин е германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок а ќе присуствува и американскиот државен секретар Антони Блинкен, ќе се означи почетокот на последната фаза од преговорите за стратешкиот концепт на НАТО, документ кој ги поставува насоките за иднината.
Концептот треба да обезбеди долгорочен одговор на растечките тензии со Русија, вклучително и појаснување за тоа како во иднина да се врати влијанието на НАТО во Источна Европа.
Конечната верзија на документот треба да биде усвоена од лидерите на НАТО на самитот во Мадрид во јуни.