Турција и Унгарија и понатаму го блокираат влезот на Шведска и Финска во НАТО 

За само три месеци, 28 од 30 држави членки на воениот пакт НАТО ги ратификуваа измените на договорите во своите национални парламенти со кои би се одобрило членството на Финска и Шведска во Алијансата. Документацијата на Вашингтон му ја предале 24 нации.

Но, на нордиските земји Унгарија и Турција сè уште им го блокираат членството во воениот пакт.

Во септември финскиот министер за надворешни работи кажа дека неговиот унгарски колега ветил дека ќе се продолжи со ратификацијата и ги уверуваше Финците дека нема приговор на влегувањето на Финска и Шведска.

Неколку недели претходно, на крајот на август, унгарскиот министер за регионален развој и поранешен ЕУ комесар Тибор Наврачич го посети Хелсинки и им кажа на финските пратеници дека Унгарија без одложување ќе го ратификува нивното барање за членство во НАТО.

„Унгарија го поддржува членството на Финска во НАТО, но процесот на ратификација во унгарскиот парламент сè уште е во тек“, беше најавено тогаш во соопштение на финската влада.

Оваа недела, меѓутоа, пратениците на владејачката партија Фидес го блокираа донесувањето на предлогот во парламентот кој би го забрзал гласањето за процесот на пристапување во НАТО за Финска и Шведска. Опозицијата остро го критикуваше тој потег.

„Ова е несфатлива и неоправдана одлука. Финска и Шведска се посветен партнери на НАТО, вклучени се во програмата Партнерство за мир од 1994 и играле и играат активна улога во минатите и сегашните операции на поддршка на мирот под водство на НАТО“, кажа Берталан Тот, унгарскиот пратеникот кој се обиде да го поднесе предлогот.

Расправата за пристапниот процес теоретски сè уште е на распоредот на унгарскиот парламент. Но, датумот не е одреден, што значи дека тоа прашање засега е во втор план.

Турскиот случај на одолговлекување со давањето зелено светло за членството на Финска и Шведска во НАТО е посложен од унгарскиот. Турците првично сигнализираа дека ги поддржуваат кандидатурите за НАТО. Во телефонски разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и финскиот претседател Саули Нинисто на почетокот на април, Финците добија гаранции дека нема да има никакви проблеми.

Само еден месец подоцна Турција се повлече и изнесе листа причини зошто двете нордиски земји не можат да се придружат на НАТО, во која е вклучена поддршката на групите кои Анкара ги смета за терористички организации.

На крајот на јуни, по интензивна дипломатија зад затворени врати, Турција потпиша договор за поддршка на членството, вклучувајќи одржување трипартитни преговори за да се решат сите недоразбирања.

Тие разговори почнаа во Финска во август и се очекуваше да продолжат на есен, но на почетокот на месецот Ердоган повторно го закочи одобрувањето на членството на Финска и Шведска во западниот воен пакт.

На отворањето на парламентот во Анкара на 1 октомври Ердоган на пратениците им кажа дека тој ќе ги блокира нивните кандидатури за членство ако Финска и Шведска не ги исполнат ветувањата кои ѝ гои дадоа на Турција за безбедноста и тероризмот.

„Ќе го задржиме својот принципиелен и решителен став за ова прашање сè додека не се исполнат ветувањата дадени на нашата земја“, кажа Ердоган.

„Формално турскиот парламент треба да одлучи за барањето на Шведска и Финска за членство во НАТО, но на крајот, Ердоган е тој кој одлучува“, кажа Пол Левин, шефот на Институтот за турски студии на Универзитетот во Стокхолм.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons