Македонија од утре ќе извезува сончогледово масло во Албанија
Албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши изјави дека од утре почнува увозот на сончогледово масло од Северна Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина.
-Република Северна Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бектеши за конструктивните разговори и сакам да гарантирам дека односите меѓу двете земји на полето на трговијата ќе продолжат да бидат многу добри, рече Ибрахимај.
Таа додаде дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на Отворен Балкан.
Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3,1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Северна Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен.