УЕФА му забрани на Баерн да носи домашни црвени дресови во ЛШ
Баерн Минхен го очекува двомеч за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите против шкотскиот Селтик, а првиот натпревар ќе се одигра во среда во Глазгов.
Германскиот весник „Билд“ објави интересна сторија во врска со дресовите на Баварците. Имено, според нивните информации, УЕФА им забрани на германските гиганти да ги носат домашните црвени дресови во Лигата на шампионите. Проблемот настана бидејќи црните бројки на црвениот дрес не даваат доволно јасна слика за гледачите пред телевизорот и на стадионот. Ова ги прекршува прописите за видливост.
Баерн ќе го прилагоди црвениот дрес на правилата на УЕФА. Броевите и презимињата на играчите ќе бидат со бела боја.
Баерн оваа сезона во Лигата на шампионите носеше црн или бел дрес, а против Селтик нема да носи црвен дрес бидејќи Шкотите носат зелено-бела комбинација.
Селтик нема пораз на 16 домашни натпревари оваа сезона, вклучувајќи четири натпревари во Лигата на шампионите. Двата клуба моментално се лидери во нивните првенства.