Фондот за здравство одвои рекордни 39 милиони евра за скапите биолошки лекови на Онкологија за 2025 година
Фондот за здравство за 2025 година алоцираше рекордни 39 милиони евра за условниот буџет на Клиниката за онкологија. Ова се пари од кои се набавува скапата биолошка терапија. Ваквото буџетско распределување претставува највисоката сума некогаш одвоена за биолошка терапија на Клиниката за онкологија, со што директорот на Фондот Сашо Клековски очекува да нема недостиг на терапијата, да бидат покриени сите пациенти, ама бидејќи ресурсите не се неограничено добро – вклучувањето на оваа терапија и понатаму ќе биде според строго утврдени критериуми за кои ќе решава стручниот колегиум.
Фондот за здравство има изнајдено и законско решение ако случајно лековите од тендерот се потрошат – да може да се набавуваат други без реверси и во рамките на законот, информираше директорот Клековски. Тоа ќе се прави во договор со Бирото за јавни набавки во постапка наречена „непосредна спогодба“ што е законски механизам во случај кога е загрозен животот на луѓето и според Клековски не претставува бајпасирање на законот.
По повод 4 февруари, Светскиот ден на борба против ракот Фондот презентираше какви активности ќе спроведува на ова поле во 2025 година. Потребни се посериозни мерки за сузбивање на пушењето цигари, подобри скрининзи зашто е подобро за пациентите да се превенира отколку да се лекува. Во таа смисла Фондот планира бројот на извршени ПЕТ-скен испитувања да го доведе до бројката од 5 илјади годишно, но првично зголемувањето е на 3 илјади.
Во разговор со фармацевтските куќи, обезбедено е некои лекови кои се продаваат на големо, да чинат од 10 до 30 проценти помалку отколку досега што ќе значи дека ќе има терапија за поголем број пациенти.
Ана Маријановиќ од здружението „Хема-онко“ изрази позитивна изненаденост од планот и истакна дека ако истиот се следи, тогаш најголем дел од проблемите на онколошките пациенти ќе исчезнат.
-Потоа ќе треба да се прегледаат протоколите. Од искуство, има проблем со превенцијата со скрининг програмите, но планот е огромен исчекор во позитивна смисла, рече Маријановиќ.
Во планот за онколошки третман во државата, клучно место игра децентрализацијата односно пациентите да имаат избор на повеќе центри во внатрешноста каде ќе може да примаат третмани. Затоа двајца лекари и еден физичар од ГОБ 8 Септември веќе завршиле обука на Клиниката за онкологија и како што рече директорот доктор Синиша Стојановски – веќе се подготвени да администрираат таблетарна и субкутана онколошка терапија.
Загрижувачки за скринингот е што од закажани 1300 прегледи, повеќе од 700 пациентки не дошле да се прегледаат. Беше откриено дека акцелераторот во Штип, никогаш нема да проработи, поради погрешна изведба.