Ако служите алкохол на малолетници, казната е 4.000 евра, пазарните инспектори најавуваат жестока акција
Консумацијата на алкохол е најзастапена за време на викендите во ноќните клубови и баровите, каде често има голем број на помлади лица од 18 години. Според податоците на Светска банка во 2020-та, Македонците во просек испиле 4,40 литри алкохол годишно по глава на жител
Пазарните инспектори им објави војна на угостителите кои им служат алкохол на малолетниците. За во наредниот период, од ДПИ најавуваат засилени контроли на терен во согласност со Законите за угостителска дејност и за заштита од пушењето. Контролите ќе се спроведуваат со асистенција на полицијата и тоа низ целата територија на државата, за да се спречи послужување алкохол на малолетни лица.
-Послужување алкохол на малолетни лица е кривично дело, а казните за оние угостители што ќе бидат затекнати како го прават тоа се ригорозни и се движат до 4.000 евра. Освен парични казни, се изрекуваат и казни за забрана за работа во период од еден месец – посочија од ДПИ.
Одтаму апелираат до угостителите да постапуваат во согласност со законските обврски, според кои се должни да ја утврдат возраста на лицето на кое се послужува алкохол!
-Доколку Пазарниот инспекторат утврди нерегуларности, најригорозно ќе постапува и заедно со останатите надлежни институции и во иднина ќе продолжи да спроведува заеднички акции кои ќе ги спречат дејствата поврзани со послужување алкохол на малолетници – реагираат од ДПИ.
Како лани истражуваше „Слободен печат“, кафеанџиите од око ја проценуваат возраста на младите кои им нарачуваат алкохол, со оправдување дека им изгледаат позрело и се облекуваат како возрасни!? Консумацијата на алкохол е најзастапена за време на викендите во ноќните клубови и баровите, каде често има голем број на помлади лица од 18 години. Сепак, иако е забранета продажбата на алкохолни пијалоци на малолетници, впечатокот е дека малкумина угостители го фермаат законот. Неофицијално, ретко им се бараат лични карти на децата, иако е предвидена глоба до 4.000 евра за правното лице и до 500 евра за одговорното лице во правното лице!
Лани во септември, битолската полиција заедно со УЈП, ДПИ, Трудовиот инспекторат и Центарот за социјални работи спроведе акциска контрола во угостителски објекти, а при контрола на ракометно игралиште, било констатирано дека организаторот на концертот послужил тројца малолетници со алкохолни пијалоци. Во тој период и во Скопје, беше спроведена акциска контрола за присуство на малолетници во угостителски објекти после 24.00 часот како и за точење на алкохол на малолетници во 280 угостителски објекти. Епилогот од акцијата беа шест малолетници затекнати во кафулиња во Скопје.
При контролата беа откриени две кривични дела „точење алкохолни пијалоци на малолетници“ по член 204 од Кривичниот законик. Но, проблемот е што при контролите пазарниот инспектор мора да биде присутен во моментот на продажба на алкохолни пијалоци на малолетно лице.
Според податоците на Светска банка во 2020-та, Македонците во просек испиле 4,40 литри алкохол годишно по глава на жител. Инаку, потрошувачката на алкохол во ЕУ е намалена за 0,5 литри помеѓу 2010 и 2020 година.