Собранието ги врати државните кампањи во медиумите
Во Собранието пратениците и на власта и на опозицијата гласаа за државното рекламирање во медиумите, кое во 2017 година беше укинато. Пратениците гласаа за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се предвидува повторно воведување на државно рекламирање.
Во 2017 година ова рекламирање беше укинато на иницијатива на СДСМ како модел за поткуп на медиумите воведен од поранешниот премиер Никола Грувески. За медиумските здруженија ова е враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото.
Во образложението на Владата целта на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е да се „обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“. Од таа причина се јавува потребата на уредување на кампањите на државно и на локално ниво, изборот на нивното идејно решение како и спроведување и финансирање на истите. Исто така се јавува потреба од дорегулирање на одребите кои се однесуваат на операторите кои реемитуваат програмски сервиси, се наведува во законското решение.
Според овие законски измени, Владата во текот на една година може да спроведе најмалку една државна кампања на државно ниво, без теми поврзани со политички и дипломатски активности, теми кои ги промовираат услугите или политиките на органите на државната или локалната власт, ниту теми поврзани со партиски активности.
Новинарските здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор сега го чекаат одговорот на престедателот Стево Пендаровски – дали шефот на државата ќе го потпише или не указот за овој закон.