Израелците сакаат офанзивата на нивната армија во Газа да продолжи
Граѓаните на Израел не сакаат армијата да ја прекине офанзивата за да го уништи Хамас и покрај повикот на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот, зголемениот број на воени жртви и зголемениот број на палестински жртви во Газа, јавија западни медиуми, повикувајќи се на тамошна анкета.
Израелската армија, како што се наведува, претрпе во вторникот еден од најтешките денови во двомесечната војна во Газа кога загинаа десет војници, меѓу кои и еден полковник. Со ова бројот на загинатите достигна 115, што е речиси двојно повеќе од бројот на загинатите за време на конфликтот во крајбрежната енклава пред девет години.
Од друга страна, бомбардирањето на Газа ја опустоши енклавата, додека во воздушните и копнените напади на израелската армија загинаа 18.500 Палестинци.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „неселективното“ бомбардирање на цивили во Газа ја чинело меѓународната поддршка на Израел.
Анкетите во последните недели покажаа силна поддршка за војната и покрај зголемените човечки загуби. Шестмина Израелци кои разговараа за западни медиуми нагласуваат дека сега не е време да се повлечат трупите, без оглед на слабеењето на глобалното расположение што се рефлектира во резолуцијата на ОН.
-Убиството на Хамас на околу 1.200 луѓе, главно цивили, на 7 октомври го оживеа нешто што Израел претходно го почувствува кога Арапите започнаа ненадеен напад во 1973 година – стравот дека неговите соседи и непријатели би можеле да соработуваат за да ја уништат еврејската нација, рече Тамар Херман од Израелскиот институт за демократија.