ВНИМАВАЈТЕ СО ОГРЕВНИТЕ ДРВА: Загревањето на влажни дрва носи здравствени ризици
Граѓаните треба да користат суво огревно дрво за помало загадување на воздухот. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова неодамна излезе со препорака луѓето да користат суви дрва за загревање на домовите.
Има голема разлика во однос на тоа дали употребуваме суви или сирови дрва за огрев. Ана Петровска од Зелен Институт – Скопје вели дека влажноста на огревното дрво има значително влијание врз емисиите на честички (PM) и штетни гасови при согорувањето во домашни печки, што е докажано во повеќе студии. Доколку дрвото содржи повеќе влага, емитира поголемо количество на загадувачки материи, а од содржината на влага зависи големината, составот и морфологијата на емитираните честички, односно штетноста на емисиите врз животната средина и здравјето на луѓето.
„Во споменатите студии со испитувања е докажано дека со зголемувањето на содржината на влага се намалува стапката на согорување заради намалената температура во текот на горењето. Притоа се врши нецелосно согорување, што доведува до зголемени емисии на чад, саѓи, прашина и феноли. При вдишување на честичките и фенолите може да се загрози здравјето, односно да се зголеми ризикот за заболувања на дишните патишта (бронхитис, астма, емфизем и друго), на кардиоваскуларниот систем, да се иритира кожата и очите, да се јават главоболки, гадење и повраќање, проблеми со функцијата на црниот дроб и бубрезите, како и да се зголеми ризикот за заболувања од канцер. Препорачаната влажност во огревното дрво е до 25 отсто. Сувото дрво има поголема топлинска моќ од влажното дрво, што значи дека сувото дрво е подобро за загревање на домот. Свежо исечените и складирани дрва можат да содржат и до 50 отсто влага, што значи дека нивната топлинска моќ е многу послаба. Се пресметува дека огревното дрво е доволно суво дури по 1 до 2 години од складирањето (во зависност од тоа за кое дрво се работи)“, вели Петровска.
Влагата во огревното дрво може да се контролира со соодветно сушење и складирање на дрвото. Тоа се прави на повеќе начини.
„Сушењето на дрвото може да се направи на следниве начини: Природно сушење: Дрвото се става на место каде што има добра циркулација на воздухот и се остава да се суши природно. Ова може да потрае од 6 до 12 месеци, во зависност од условите на околината. Машинско сушење: Дрвото се става во специјална сушилна комора каде што се контролира температурата и влажноста на воздухот. Ова може да потрае од 1 до 2 недели. Складирањето на дрвото е исто толку важно колку и сушењето. Дрвото треба да се складира на суво место, каде што нема директна сончева светлина или дожд. Дрвото треба да се стави на подлога, како што е палета, за да се спречи контактот со влагата на почвата. Постојат мерачи на влага за огревно дрво кои можат да се користат за мерење на влагата во дрвото, со цени што варираат од 28 до 49,99 евра. Вакви мерачи може да набават продавачите на огревно дрво, со цел граѓаните да бидат информирани какво дрво ќе горат и колку ќе загадуваат. Освен за цената, граѓаните би требало да се интересираат за содржината на влага во огревното дрво што го купуваат. Доколку постои законска обврска за контрола на влажноста на огревното дрво и забрана за продажба на дрво што содржи влага повеќе од 25-30 отсто, загадувањето од домаќинствата би било многу помало“, објаснува Петровска.
Греењето на дрва е широко распространето во Македонија. Имало години кога според статистичките податоци, две третини од домаќинствата користеле дрва за загревање. Скопје вчера ококу 10 часот, беше 9-ти најзагаден град во светот на листата нa air visual. Десет македонски градови во истото време беа со високо загаден воздух. Гевгелија, Куманово и Дебар беа обоено со зелено, односно имаа многу ниско или ниско загаден воздух.