Свети Климент Охридски, извор на македонската духовност и образование, државен и празник на Црквата
Македонија денеска како државен празник го одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, кој е и патронен празник на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на градот Охрид. Празникот ќе биде одбележан со низа настани.
Во Собранието на Македонија ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Согласно одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2023 година, годинашен добитник за остварување во областа на воспитанието и образованието е проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста е филмскиот режисер Антонио Митриќески.
Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Одбележувањето на државниот празник ќе започне во 10:45 часот, со положување цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на платото пред НУБ „Свети Климент Охридски“. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата ќе бидат Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик-министерка за правда и Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски.
Во 11:00 часот во НУБ „ Свети Климент Охридски“, започнува свечениот настан за одбележување на државниот празник.
МПЦ-ОА со празнични богослужби го одбележува својот патрон. Празнувањата почнаа во изминатите денови, а продолжуваат денеска со божествени литургии во храмовите. Во Скопје ќе има едноцрквие во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ каде ќе биде одржана архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.