МакедонијаНајново

ССМ три месеци чека одговор од Уставниот суд за привремена забрана за 72 часа работна недела

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) не добил одговор од Уставниот суд на иницијативата што ја поднесе пред три месеци за оспорување на измените на Законот за работни односи во делот на недела неработен ден и 72 часа работна недела, воведена за изградба на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д што ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка, а за што пратениците изгласаа посебен закон.

„За жал, Уставниот суд до денеска не се одважил да информира за иницијативата, иако е изработена со поддршка од професори на Правниот факултет. Првпат покрај наши експерти кои ги има во синдикатите, поддршка добивме и од професорите од Правниот факултет од Катедрата за трудови право за да може да ја изготвиме најдобрата иницијатива до Уставниот суд“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Очекува, рече, Уставниот суд да донесе барем привремена мерка на таквото законско решение и дека тоа може да го направи по сопствена иницијатива или, ако е потребно, ССМ може да поднесе и иницијатива за привремена мерка која ќе ја стопира примената на законот.

Трендафилов рече дека за пополнување две илјади работни места за почеток на изградбата на коридорите се пријавиле само 300 работници односно 10 отсто од потребниот број. Тоа, рече, е затоа што „не може да очекувате работник да дојде да работи по 72 часа неделно за мизерна, минимална плата“.

„Ако сакате да ви го изградиме автопатот побрзо, поефикасно и поевтино, ние стоиме на располагање како работници, меѓутоа за достоинствени плати, достоинствени и пристојни услови за работа, почитувајќи ги мерките за безбедност и здравје при работа. Се плашиме за животот и здравјето на работниците кои почнале да ги градат овие автопатишта. Очекувам Уставниот суд најбргу што може да ја спречи оваа кражба на работничкиот труд и да спречи Македонија да биде Ел Дорадо за одредени бизнис-интереси на штета на работничките права“, рече претседателот на ССМ.

Никаде во ЕУ, додаде тој, не се работи 72 часа неделно, туку 38 па дури и 35 часа, а се воведува и четиридневна работна недела во одредени дејности и индустрии.

„Не сакаме да ја видиме Македонија на светските часописи како што тоа беше случајот со Катар и изградбата на стадионите каде починаа огромен број работници токму поради вакво непочитување на работното време“, рече Трендафилов.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons