112 случаи на ковид-19 кај нас во август, во соседството сега илјадници се заразени, ја има и ерис-варијантата 

Институтот за јавно здравство подолг период објавува само месечни извештаи за состојбата со ковид-19, па така во извештајот за состојбата со заразни болести во земјава, е наведено дека во август во земјава, со лабораториски текст, се потврдени 112 случаи на коронавирусот, со тенденција на пораст на заразната болест. Еден пациент починал од последици од болеста. Во земјите од регионот извештаи се објавуваат на неделно ниво, па така во Србија, од тестирани повеќе од 7.000 граѓани, 1.500 се заразени со вирусот. Лекарите забележуваат дека малку луѓе се тестираат и дека бројките се сигурно поголеми, а во белградската лабораторија е потрврдена и подваријантата ерис, која е попренослива од досегашните соеви.

Македонскиот Институт за јавно здравство информира дека лабораториски тест направиле 512 лица, од кои 112 биле позитивни.

„Од заболените во август 2023, најголем број (n=34) се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (73,4/100.000) се регистрира во Кавадарци. Триесет и пет од заболените лица се реинфекции. Во текот на месецот пријавено е едно починато лице. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната групата над 60 години (n=44; 39,3%)“, вели извештајот.

Инаки, од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.08.2023, пријавени се вкупно 348.491 потврдени случаи на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.

Што се однесува до подваријантата на коронавирусот, именувана како ерис, веќе циркулира во 57 држави, односно каде што е потврдено присуството на овој сој на вирусот. Полесно се пренесува, но нема потврда дека создава потешка клиничка слика.

„Симптомите се зголемена температура која не мора да се појави кај секој заболен, кивавица, болка во грлото, течење на носот, малаксаност, главоболка, можна е и дијареа па дури и осип по кожата“, изјавила докторката Снежана Јовановиќ од белгардската лабораторија „Огнено око“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons