МакедонијаНајново

На Боки 13 ќе му се вади желудникот, докторите се оградиле од исходот на операцијата 

Правниот тим на осудениот во „Рекет“, Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 денес соопшти дека тој во 10 е хоспитализиран во Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски Скопје, заради извршување на хируршка интервенција, тотална гастректомија, односно целосно отстранување на желудникот.

„Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата која по својот карактер е сложена, високо – ризична и со неизвесен исход од истата, формиран е тим на повеќе хирурзи – специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите – специјалисти  се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високо ризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот. 

Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни  препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски, после која во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, Бојан Јовановски ќе биде со траен инвалидитет.  Целата оваа ситуација и операцијата можеше да се избегне доколку властите кои одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова, бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот“, велат од правниот тим на Боки 13.  

На Јовановски после денешната хоспитализација, во наредните денови ќе му бидат извршени сите потребни испитувања и подготовки за операцијата, по што хирурзите – специјалисти ќе пристапат кон извршување. 

„Ја информираме јавноста, дека пред Основниот кривичен суд веќе е поднесено ново барање за прекин на издржување на казната затвор согласно чл.224 ст.2 од ЗИС и очекуваме одлука која ќе биде донесена во итен рок, која ќе биде темелена врз основа на реални факти и неселективна оценка на доказите со примена на начелото на хуманост, согласно новонастаната состојба, односно одлука со која ќе биде уважено барањето за прекин согласно сите исполнетите законски услови, совест и одговорност при одлучување од страна на судот. Во овие чувствителни моменти за Бојан Јовановски и неговото семејство, ја повикуваме јавноста на солидарност и емпатија, како доблесни карактерни особини на секој поединец, бидејќи со овој пример на Бојан Јовановски имаме за цел да ги укажеме негативните појави, а истовремено да дадеме придонес кон подобрување на јавното добро“, завршуваат од правниот тим на Боки 13. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons