Актуелно

Брисел: Ви треба РЕМОНТ за борба против корупцијата 

Во С Македонија не се работи за идентификација на поединци, туку за промена на целиот систем за да можат институциите да се борат против корупцијата, рече амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, коментирајќи ја американската црна листа за функционери и поранешни функционери вклучени во коруптивни афери.

„Прашањето на корупцијата е многу важно зашто оди во суштината на процесот за членство. Многу е важно што го вклучивме во основите. Ја испитуваме борбата против корупцијата и се обидуваме да се бориме со неа во секоја фаза од целиот процес. Овде не станува збор за идентификување на поединци, туку за промена на системот за институциите да можат да се борат, да се справат со корупцијата и да ги натераат сите да разберат дека нема толеранција за корупција. Тоа е долгорочен процес во кој сме вклучени и таму треба да играме важна улога“, рече Гир.

Гир не е единствениот од меѓународната заедница кој со критички тонови зборува за нивото на корупција кај нас. Американската амбасадорка Ангела Агелер, изјави дека корупцијата се случува секој ден, додека претходно изјави дека луѓето овде постојано се соочуваат со некаква корупција, дури и кога одат на лекар, па и кога ги запишуваат децата на училиште. Слични пораки имаа и амбасадорите на Шведска и Германија, но и покрај тоа, земјава досега не презеде конкретни мерки кои би го ублажиле нивото на корупција. Напротив, од единствената независна институција за спречување на корупцијата, постојано се жалат дека нивните пријави власта ги игнорира, а судството секој ден сè повеќе се полни со деца и роднини на партиски функционери.

За само една деценија само ЕУ има инвестирано повеќе од 140 милиони евра, додека САД повеќе од 60 милиони долари за борба против корупцијата, но С Македонија и понатаму останува на дното на листите на меѓународните организации. Според индексот за перцепција на корупција, таа е на 85 место.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons