ЛЕБОТ СЕ ВРАЌА НА ПОЛИЦИТЕ, ПЕКАРИТЕ ЌЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА: Загубите ќе ги бараме по судска постапка
Од утре лебот се враќа на полиците во маркетите и продавниците, пекарите ќе си ги барат загубите преку судска постапка.
Ова го соопшти Горан Малишиќ, претседател на групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија по денешната средба на членките на групацијата на која било дискутирано околу мерките кои Владата ги донесе во последниве денови.
– Како што гледате пекарската индустрија е жртва на безумието, и одлуките кои се носат се на штета на пекарската индустрија. Одлуката кои Владата ги донесе правата огромни штети на индустријата, кои на месечно ниво се и над 1,5 милион евра.
Поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се прилагоди и истите да ги намали на одредени видови на леб, но и да намали на бројот на вработени, за да би опстанала во иднина. На овој начин, индустријата во наредните три месеци, ако остане одлукава само за три месеци, ќе бара начин да опстане.
Владата како и претходно, како и пред носењето на одлуките, воопшто нема чуство за настанатата ситуација ниту е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратешка индустрија – укажува Малишиќ.
Тој потенцираше дека, доколку оваа одлука помине сега во делонт на производството со леб, тогаш истото ќе се случи и во остатокот од прехрмабената индустрија, за што веќе сведочат и изјавите на премирот дека се планира замрзнување на цените и на останатите прехрамбени производи.
– По направените консултации со членството, пекарската индустрија го донесе следниот заклучок. По интензивни консултации со правни експерти, домашни и од надвор, е утврдено дека владините одлуки се неуставни и незаконски и донесени без утврдено прекршување на пазарот по законот за трговија. Спротивно на одлуката, со записниците се потврдува дека од први декмври па се до крајот на февруари, се почитуваат сите мерки и претходните одлуки кои Владата ги донела. По овој основ пекарската индустрија ќе започне правна постапка со цел наплата на штетата, односно загубата која Владата и ја нанесе со одлуката – појаснува Малишиќ.
Според првиот човек на пекарската групација, штетата која ја трпат пекарите, до 31 мај до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цената на лебот, ќе изнесува над 4,5 милиони евра.
– Значи битката за загубите во индустријата ќе продолжи на правна основа.
Пекарите се согласија, дека од утре ќе почнат со производство и испорака на одредени видови лек за да може да се излезе во пресрет на граѓаните, но и да се опстане во периодов кога Владата носи одлуки со несогледливи последици врз прехрамбената индустрија.
Значи индустријата ќе ги почитува мерките, но ќе ја бара загубата преку судот – укажува Малишиќ.
Тој појаснуваше дека не е можно да се каже колку изнесува производната цена за лебот бидејќи секоја компанија има свои пресметки, зависно од големината, вработените, цените се различни. Дополнува дека се зависи од квалитетот, пакувањата, грамажата и потенцираше дека нема еден одговор на прашањето колкави се трошоците за производство на леб.
Дополни дека следната недела ќе се направат интензивни консултации и ќе се започне со постапката пред Судот. Тој не посочи колку точно компании запреле со производството овие денови.