8 Март – за едни празник за други опстанок
Многу жени денеска за 8 март, Меѓународниот ден на жените, одат некаде да се забавуваат и да го одбележат овој ден со своите пријателки, односно да слават. Сепак, има и други жени за кои овој ден е само уште еден ден страдање и обид да врзат крај со крај. Некои носат големи букети во рацете, други никогаш не добиле букет.
Една од нив е 66-годишната Емине која денеска наместо букет, во рацете држеше картонска кутија. Не очекува да добие цвеќе, туку некој денар за да купи храна.
„Прекрасни се! Никогаш не сум добила цвеќе вака“, вели Емине.
Таа знае дека 8 март е денот на жената, но тоа за неа не прави никаква разлика, бидејќи и вчера и денес нема што да јаде и спие на улица. И покрај тоа што денес се крева гласот за правата на жените, таа ги доживува истите страдања како и претходно.
„Како да не е ништо…, зашто јас сум на улица. Каков 8 март да прославам? Каде да прославам? Среќна сум што го дочекавме овој ден. Еднаш годишно…но кога немам каде…Ништо не добивам, ниту социјална помош, спијам на улица. Ставам картон одоздола и се покривам со картони. Денес, ако ми дадат малку пари, ќе имам што да јадам, ако не, ќе издржам глад. Одам низ куќи молам некоја жена. Кој сака, кој не сака ми вели, ајде излези надвор“, вели Емине, социјален случај.
Се поздравивме со Емине која го продолжи патот во чаршијата, а ние се упативме кон срцето на главниот град за да видиме како тие што го одбележуваат овој ден, како ја гледаат положбата на жената во нашата земја.
Граѓаните сметаат дека жените треба да бидат на повеќе клучни позиции и во извршната и во локалната власт. Токму за тоа се расправаше во Собранието каде што беше кажано дека има подобрување, но се уште сме далеку од целосна реализација на еднаквоста.