Македонија се уште ја чека помошта од ЕУ од 80 милиони евра 

Европски грант од 80 милиони евра за Македонија и 500 милиони евра за регионот за справување со енергетската и ценовната криза, најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во Скопје лани во октомври на првата станица од нејзината балканска турнеја.

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска се сретна со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување на ЕК, Михаела Матуела и евроамбасадорот Дејвид Гир, на која рече дека Македонија ја очекува првата транша од оваа помош во висина од 72 милиони евра.

“Во текот на 2020 година ЕУ додели грант од 40 милиони евра за справување со ковид-кризата, а сега ја очекуваме и првата транша од 72 милиони евра од најавениот грант за справување со енергетската и ценовната криза. Дополнително од ЕУ очекуваме обезбедување 100 милиони евра макрофинансиска поддршка по поволни услови“, рече министерот Бесими.

Претходно министерот за економија Крешник Бектеши во јануари рече дека Македонија ќе ги добие парите од Европската Унија (ЕУ) за справувањето со енергетската криза во феврураи, но и овој месец помина.

Како што објави министерот за економија, Крешник Бектеши, 80 милиони евра финансиска поддршка од ЕУ за енергетската криза се очекува да пристигне на почетокот на февруари.

„Денеска во Брисел остварив билатерален состанок со еврокомесарката за енергетика на Европската Унија, Кадри Симсон. Се заблагодарив на Европската унија за финасиската поддршка од 80 милиони евра за справување со енергетската криза кои се обезбедени на Северна Македонија, од кои првата транша од 72 милиони евра очекуваме да биде исплатена во првата недела од февруари. Овие пари се наменети за мерки за поддршка на домаќинствата и малите потрошувачи за справување со енергетската криза“, информираше тогаш Бектеши. 

Помош треба да добијат и другите земји од регионот за справувањето со енергетската криза.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons