Актуелно

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА КОРАБОСКИ ОД ОХРИД: Сара изгубила свест по нападот, обвинет е за три кривични дела

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА КОРАБОСКИ ОД ОХРИД: Сара изгубила свест по нападот, обвинет е за три кривични дела

Основниот суд во Охрид му определи 30-дневен притвор на 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз неговата 26-годишна партнерка Сара. Притворот е определен вечерта на 16 ноември, поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело, а обвинетиот е сместен во затворот во Охрид.

Од судот потврдиле дека рочиштето било одржано по итна постапка, по поднесеното обвинение за три кривични дела и барањето за притвор.

„Судијата се согласи со предлогот и изрече мерка 30 дена“, се наведува во објавената судска потврда.

Основното јавно обвинителство Охрид на 16 ноември поднесе обвинение за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, се наведува во официјалното соопштение на Обвинителството.

Според информациите од МВР, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По расправија што започнала во домот на обвинетиот, а продолжила во неговиот автомобил, тој физички ја нападнал девојката. Нападот продолжил и откако го запрел возилото, при што Сара изгубила свест и паднала.

Девојката била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Св. Еразмо“. Кај неа биле констатирани хематоми, модринки и нагмеченици, а била задржана на медицинско набљудување.

Корабоски првпат бил приведен на 15 ноември. По првичното барање на Обвинителството, судот му определил мерки на претпазливост – забрана да ѝ се приближува на оштетената на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и обврска за редовно јавување во судот.

На 16 ноември тој повторно бил приведен. Обвинителството, по дополнително прибраните докази, поднело обвинение за три кривични дела и побарало притвор. Во текот на постапката Сара била испитана во присуство на социјалните служби, а било извршено и вештачење за утврдување на видот и карактерот на нејзините повреди.

Според дополнителното образложение на Обвинителството, особено значење имале доказите поврзани со загрозувањето на сигурноста, кои укажале на опасност од повторување на насилството.

Семејството на Сара, кое побара најавениот протест во Охрид да не се одржи, порача дека девојката сѐ уште е во шок и се обидува да закрепне.

„Нам сега ни треба мир“, порачаа родителите во јавно објавената изјава, нагласувајќи дека очекуваат институциите да ја спроведат постапката и да биде задоволена правдата.

Со определениот 30-дневен притвор, Корабоски останува во затворот во Охрид додека продолжува судската постапка. Притворот не претставува казна, а неговата кривична одговорност треба да биде утврдена пред надлежниот суд.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons