17 партии и коалиции поднесоа листи за пратеници, 13 од нив за сите изборни единици за изборите на 8 мај

До полноќ синоќа во Државната изборна комисија – ДИК поднесени се 17 кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај.

Од ДИК за МКД.мк информираат дека листи за пратеници за сите шест изборни единици поднесооа 13 партии или коалиции:

  1. Коалицијата на СДСМ.
  2. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ
  3. Движење ЗНАМ – За наша Македонија
  4. Политичка партија Родина
  5. Работничка партија
  6. Храбро за Македонија – ГРОМ
  7. Македонска ера – Трети суверенисти
  8. Левица
  9. Европски фронт – ДУИ
  10. Вреди – Беса
  11. Политичка партија Демократи
  12. Политичка партија Единствена Македонија
  13. Политичка партија Десна

Политичката партија Аваја доста е! поднесе кандидатски листи за Третата, Четвртата, Петатта и Шестата изборна единица.

Политичката партија Твоја партија поднесе кандидатски листи за Првата, Втората, Третата и Четвртата изборна единица

Политичката партија Нова Алтернативаподнесе кандидатски листи за Првата, Втората, Третата и Четвртата изборна единица

Поднесена е и листа од Група избирачи Ѓула Челику која влез во парламентот ќе очекува само во Шестата изборна единица.

Овие парламентарни избори ќе бидат единаесетти во повеќепартиска Македонија. Во шест изборни единици ќе се добијат по 20 пратеници за новиот парламентарен состав. И на овие избори нема да има тројца пратеници избрани од дијаспората, бидејќи за гласање во дипломатско конзуларните претсавништва на Македонија во странство не се пријавиле доволно гласачи, државјани на Македонија.

Во изминатите денови партиите ги промовираа носителите на листите за пратеници и листите, како и програмите за парламентарните избори.

Согласно измените на Изборниот законик донесени во понеделникот, редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите кои имаат свои претседателски кандидати ќе биде ист како и за претседателските избори, , додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија.

ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори.

Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 избирачи.

Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, доколку не биде избран претседател, на 8 мај ќе се одржи втор круг од тие избори, а претседател од двајца кандидати ќе биде избран доколку на изборите излезат најмалку 40 отсто од избирачите. На 8 мај ќе се одржат парламентарните избори.

Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за двата вида избори.

Вчера, претседателските кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Максим Димитриевски, Бујар Османи, Арбен Таравари и Билјана Ванковска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, додека Стевчо Јакимовски одби да го потпише поради тоа што смета дека кандидатите од помалите партии се дискриминирани со паричната поддршка, но и затоа што беа откажани мастер дебатите на претседателските кандидати.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons