139 деца за 48 часа побарале помош на Педијатрија во Тетово, 12 се хоспитализирани
На Педијатриското одделение во Клиничката болница во Тетово во последните 48 часа се регистрирани 139 случаи, од кои 12 деца се хоспитализирани, а лекарите најчесто бележат висока температура, повраќање и дијареја.
Високите температури во последните денови придонесоа за зголемен број млади пациенти на Педијатриското одделение во Клиничката болница во Тетово.
Само во последните 48 часа биле регистрирани 139 случаи, од кои 12 деца биле задржани на болничко лекување, додека останатите биле пуштени на домашна терапија.
„Во Клиничката болница Тетово, поточно на Педијатриското одделение, во последните 48 часа имавме 139 случаи. Од нив, 12 деца се хоспитализирани, а другите се отпуштени со домашна терапија“, информираат од одделението.
Кај најголем дел од пациентите се забележани симптоми како висока температура, повраќање и дијареја. Педијатарот д-р Иса Османи објаснува дека станува збор за симптоми кои најчесто се поврзуваат со сезонски вирусни инфекции, а нивното ширење е поттикнато од високите температури, начинот на подготовка и чување на храната, како и недоволната хигиена.
„За оваа возрасна група, повеќето случаи се сезонски вируси. Поради високите температури, начинот на подготовка на храната, употребата на вештачко млеко, што бара исклучително високо ниво на хигиена при подготовката, како и контактот меѓу болни и здрави деца, сите овие фактори придонесуваат за ширење на инфекциите“, вели Османи.
Тој посочува дека не секој случај на дијареја или повраќање бара хоспитализација, но нагласува дека особено кај малите деца треба да се внимава на опасноста од дехидрација.
Лекарите препорачуваат децата да внесуваат доволно течности и електролити, а родителите да посветат особено внимание на хигиената при подготовката и чувањето на храната.
Дополнително, се препорачува избегнување контакт меѓу здрави и заболени деца, со цел да се намали ризикот од ширење на сезонските вирусни инфекции.



