120 години од Илинденското востание 

Крушево и Македонија денеска се поклонија на своите Великани и оддадоа почит на оние кои го дадоа својот живот за оваа слобода и држава која ја имаме денес. Главната прослава за 120 годишнината од Илинденското востание се одржа на Мечкин Камен. 100-тината коњаници, дојдени тука од цела Македонија, од страна на граѓаните беа пречекани со оваации и патриотски песни, додека претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој се обрати пред присутните, беше пречекан со свирежи додека доаѓаше до Споменикот на Илинденците.

Џафери порача дека Крушевската Република иако траела кратко била историска пресвртница во остварувањето на вековниот сон за слободна и независна држава. Џафери додаде дека творците на Крушевскиот манифест имале високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на вера, етничка припадност, пол или социјален статус. Искрата од 1903-тата пламнала повторно во екот на антифашистичката борба кога Македонија застаналча на вистинската страна. 
Џафери истакна дека сега имаме држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија и дека треба да го одиме патот кој бил одамна детерминиран.

„ Ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече. Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност. Дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии сепак, иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука“, истакна Талат Џафери, претседател на Собрание на РМ.

Граѓаните кои беа присутни денеска на празникот побараа македонскиот народ да престане со поделбите и конечно за се обедини околу своите цели за чување на државата и идентитетот. Да престанеме да се делиме на патриоти и предавници ако сакаме светла иднина на државата. 

„Среќна сум што дојдов овде, години немав дојдено. Знам историјата што значи за народов, се бореле за да ја ослободат Македонија и се надевам слободна ќе остане долго време“, вели една посетителка на Мечкин Камен.

„Мора да се обединеме, затоа што Македонија постои само една, не 3. А тие сили што ги имаме во светот да погледнат малку и на Македонија, затоа што Македонија прва почна Балканот да го ослободува“, додаде друг граѓанин.

„Илинден е најсветото и најубавото нешто во Македонија. Треба да бидеме сите заедно, нема делба, една е Македонија, Македонија е на Македонците“, кажа трет граѓанин.

„Многу политика, не ни требаат нас говори, ни треба народот да им оддаде почит на тие што се долу паднати. Но народот поделен е, не е сложен“, вели друг посетител за празникот на Мечкин Камен.

На Мечкин Камен имаше дојдени Македонци и од Бугарија специјално за овој ден кои истакнаа дека не им е дозволено таму да го слават овој ден, дека Бугарија сака да го присвои Востанието и не им дозволува да се декларираат како Македонци. Но тие немало да се откажат од идејата еден ден да бидат признати како Македонци во Бугарија. 

„Голем празник за нас Македонците, иако сме од Пиринска Македонија сепак го сметаме како наш празник. Најсветлиот македонски празник, симболот на слободата. Кај нас Бугарите го празнуваат како нивни, бугарски, не не‘ признаваат, но борбата продолжува. Денес Бугарија сака да го земе како нивно ова востание. Востанието сака да го земе, верувам, но сака да го земе и македонскиот народ, да го нема, што е од лошо полошо“, велат Македонците кои беа дојдени во Крушево од Бугарија.

Програмата на Мечкин Камен беше заокружена со културно уметничка програма.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons