12 возачи приведени за безобѕирно управување, осум возеле без дозвола, а четворица пијани
Во изминатото деноноќие, полицијата лишила од слобода 12 возачи низ државата поради безобѕирно управување со моторно возило. Осуммина возеле без возачка дозвола, а кај четворица биле измерени високи концентрации на алкохол во крвта, од 1,52 до 1,93 промили.
Во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициски службеници лишиле од слобода 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од нив, осум управувале возило без возачка дозвола, и тоа: Р.Е.(23), К.Б.(27), С.М.(31) и Љ.Ш.(29), сите од Скопје, Е.М.(19) од Дебар, Б.И.(53) од Гостивар, Д.А.(30) од село Порој и 17-годишен малолетник од село Здуње.
Четворица возачи управувале возило под дејство на алкохол. Кај А.Т.(46) од Струмица биле измерени 1,84 промили алкохол во крвта, кај М.Ј.(22) од Радовиш 1,52 промили, кај Д.М.(36) од село Амзабегово, светиниколско, 1,54 промили, додека кај П.Т.(36) од Битола биле измерени 1,93 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, како и под дејство на алкохол или доколку имаат активна мерка забрана за управување со моторно возило.



