Граѓански организации поднесоа жалби за прекршување на законите за гасоводот Грција- Македонија 

Граѓанските организации (ГО) ЦЕЕ Банквоч Нетворк и Еко-свест поднесоа три формални жалби во кои се наведуваат законски прекршувања во планираниот проект за изградба на гасоводот Грција- Македонија, со кој во земјава ќе се дистрибуира гас.

Државната компанија НОМАГАС планира да ја изгради македонската делница од гасниот интерконектор долг 67 километри. Иако промовиран како начин за диверзификација на снабдувањето со гас во земјата, во реалност ќе значи значително зголемување на увозот на гас што дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на фосилни горива и ќе донесе дополнителни промени на цените во време кога енергетскиот сектор треба да се ослободи од фосилни горива, реагираа денеска преку соопштение од двете граѓански организации (ГО).

Првите две жалби се поднесени до Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) се однесуваат на гаранцијата за заемот од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за проектот потпишана од Владата во декември 2021 година. Одлуката за гаранција не била предмет на проверка од страна на Комисијата за заштита на конкуренција согласно законската регулатива, што потенцијално ја прави неважечка. Со невидена ефикасност, Собранието ја одобри државната гаранција на 20 декември 2021 година, а претседателот на државата истиот ден ја потврди. Оваа одлука од Собранието беше објавена во Службен весник на 21 декември, непосредно пред потпишувањето на заемот со ЕИБ на 22 декември, потенцираат од двете ГО. 

,,Се создава сомнеж дека банката на ЕУ во Македонија не ја почитувала процедурата за одобрување гаранција за заемот. Ова ја доведува во прашање валидноста на гаранцијата и им штети на финансиските интереси на ЕУ со непотребно зголемување на веројатноста да се користат средствата на ЕУ за покривање на загубите на ЕИБ во случај на неисполнување на заемот’’, вели Пипа Галоп, координатор за политики за Југоисточна Европа од ЦЕЕ Банквоч Нетворк. 

Третата жалба поднесена исто до Секретаријатот на Енергетската заедница, се однесува на прекршување на правилата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот, бидејќи Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) не предвидело период за спроведување на јавни консултации. Дополнително, не било објавено какво било соопштение дека се одржуваат консултации, ниту пак биле дадени детали на кој начин да се достават коментари, реагираат од двете ГО.

,,Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ЕИБ тврдат дека не финансираат проекти кои не се во согласност со националното законодавство. Сепак, кога Владата ги прекршила основните законски обврски за време на процесот на оцена на влијание врз животната средина за гасоводот, тие тоа ‘не го регистрираат’. Уверени сме дека Секретаријатот на Енергетската заедница ќе ги потврди нашите наводи за прекршување на законите и ќе побара процесот на јавни консултации да се спроведе соодветно на законската рамка“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка, Еко-свест. 

Европската инвестициска банка (ЕИБ) потпиша договор за заем од 41 милиони евра за проектот во декември 2021 година, непосредно пред зацртаната цел за престанок на финансирањето на проекти за фосилни горива. Истовремено, потпишан е договор за грант од ЕУ за 12.7 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) размислува за финансирање на остатокот од проектот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons