Јовески ја суспендира Русковска, а Муареми се повлече од директорската позиција во Финансиска полиција

Арафат Муареми повеќе нема да биде на чело на Финансиската полиција. Тој најави дека се повлекува од функцијата, со цел да нема сомнежи во јавноста дека врши притисоци врз обвинители. 

Муареми информира дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител  Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување.

„Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви“, вели Муареми.

Претходно Русковска се пожали дека неговите најави дека ќе поднесе кривични, за претресот во просториите на институцијата која Муареми ја води, го смета за притисок. Таа побара странските амбасади и ЕУ, како и европската обвинителка Лаура Ковеси да помогнат, но тие одлучија да не се мешаат, и соопштија дека случајот треба да го решат надлежните институции. Инаку, Муареми поднесе кривични против Русковска, и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons