МФ: Грижата за граѓаните и економијата продолжува со таргетирани мерки 

Со цел насочување на мерките кон ранливите категории на граѓани и постепена фискална консолидација, Министерството за финансии најавува оти новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. 

– Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, а исто така ќе продолжи и определбата за водење прудентна фискална политика, која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите,и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход – соопштуваат од МФ.  

Додаваат дека веднаш по усвојувањето на ребалансот, во најкраток рок ќе започне имплементација на новите антикризни мерки. Според МФ, новиот модел на таргетирани мерки, кој е во насока на последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност, има три цели: заштитa на најранливите категории, праведна распределба на средства и постепена фискална консолидација за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на домашната економијата.

– На среден рок се планира стеснување на буџетскиот дефицит преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, мерки за намалување на сивата економија и за спречување, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите, промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд – појаснуват од министерството.

Потенцираат дека со првиот пакет мерки беа амортизирани првите силни удари на кризата, како спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените за да спречат високи стапки на инфлација. 

– Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра и еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот – потсетуваат од МФ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons