ШИВАЧКИ ОД ИСТОКОТ ЗАМИНУВААТ ВО ИТАЛИЈА: Maкедонската текстилна индустрија има потреба од неколку илјади работници

Македонскиот текстилен сектор може слободно да апсорбира и до 5.000 работници, но тие многу тешко се наоѓаат. Дел од работничките кои работат во фабриките, заминуваат сезонски во странство, и нема кој да ги замени. 

Иако компаниите постојано објавуваат огласи за прием на нови работници, интересот е многу слаб или скоро и да го нема. Дури имало и обиди преку Агенцијата за вработување, да се мотивираат невработените да се вработат во овој сектор, но тоа не вродило со плод со што текстилните компании не би имале недостиг од работна сила. Маријана Петковска, претседателка на Текстилниот кластер вели дека има многу работнички кои наскоро ќе одат во пензија, и потребата за работен кадар ќе расте. 

„Потреба за работнички има во Скопје, Штип, Берово, Делчево. Во градовите од Источна Македонија, се одлеваат работници, одат на сезонска работа во Италија и тоа е така со години. Фалат работници за мануелна работа. Потребни се шивачки, а кројачи скоро и да нема. Има компании каде 20 отсто од работничките за 1 или 2 години ќе одат во пензија, и допрва ќе стане полошо. Проблемот не е само платата, таа е само еден сегмент, но проблемот има многу подлабоки корења. Младите попрво ќе работат во кафуле и во продавница, дури и со половина работно време, но не сакаат да работат во текстилна фабрика. Проблем е општествениот статус, и оваа професија е навистина деградирана. Ако порано беше гордост да работи некој во производство, денес е срам. Еве и јас барам работници, ми требаат 3-4 шивачки, но одзив нема“, вели Перковска.

Таа објаснува дека многу од газдите се принудени да ги задржат на работа и оние работници кои не ја исполнуваат нормата и се помалку продуктивни, затоа што немаат избор. Перковска вели дека за овој проблем требало да се преземат мерки уште пред 5 години, а како пример ги наведува соседните земји Косово и Албанија, каде објаснува дека има млади во производство, но таму државата ги стумилира со придонеси. 

„Присутна е таа појава да заминуваат работниците кој каде ќе се снајде. Некои работници одат по месец, два, три во странство за да работат на лозја. Две години кај мене нов работник не е дојден, а си заминаа 2 во истиот период“, објаснува сопственик на конфекција од источна Македонија. 

Од конфекција во Делчево, велат дека редовно нивни работници одат во Италија и Швајцарија за да работат сезонски. 

„Ние на добрите работници им ги чуваме работните места, мораме така, од нив зависиме. Имаме и ние многу проблеми, но нема што да правиме. Отсуствуваат од 15 дена па до 3 месеци, а додека ги нема им ги чуваме машините, работното место“, додаваат од оваа конфекција. 

Текстилците велат дека многу е тешко да обучат кадар за работа, а истиот многу лесно го губат затоа што тие работници се одлеваат во други сектори каде работата е полесна, и платите се повисоки. 

Пред пандемијата во овој сектор беа ангажирани околу 35.000 работници, а сега се смета дека бројката е сведена на 30.000. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons