Македонци ќе му судат вечерва на клупскиот светски шампион во ракомет
Македонските ракометни судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски добија ново значајно признание на меѓународната сцена, откако беа делегирани за натпревар од ракометната Лига на шампионите меѓу Порто и Веспрем.
Македонската судиска двојка ќе ја дели правдата на дуелот меѓу португалскиот претставник и унгарскиот гигант Веспрем, клуб кој со години е меѓу водечките сили во европскиот ракомет и актуелен светски клупски шампион.
Ова назначување претставува уште една потврда за квалитетот на Митревски и Тодоровски, но и за угледот што македонското ракометно судење го ужива на меѓународно ниво.
Натпреварот меѓу Порто и Веспрем е закажан за 28 октомври, а ќе се одигра во Португалија.



