ЦСКА Софија со полиција доаѓа во Скопје за натпреварот против Македонија ЃП
Македонија Ѓорче Петров во второто квалификациско коло во Лигата на конференции ќе ги одмери силите против ЦСКА Софија
Како што е најавено, првиот натпревар ќе се игра на 21 јули на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ – Скопје, а реваншот е во бугарскиот главен град седум дена подоцна.
ЦСКА се пожали што доби само 60 билети за своите навивачи за дуелот во Скопје. Како што наведоа бугарските медиуми причината поради тоа е препораката од локалните власти со оглед на затегнатите односи меѓу двете земји и протестите кои деновите се водат во Скопје.
Бугарите воедно препорачаа овој натпревар да не се игра во Скопје, туку во српскиот град Ниш кој е блиску до двата главни града.
Сега тамошните медиуми информираат дека со ЦСКА Софија за Скопје ќе заминат и претставници на полицијата (што не е нешто чудно или ново во модерниот фудбал) кои ќе одржуваат контакт со колегите од МВР.
За фудбалерите на ЦСКА Софија ќе има големо обезбедување и нема да им биде дозволено (до почетокот на натпреварот) да го напуштат хотелот.
Бугарите воедно стравуваат дека ситуацијата со навивачите е посложена, доколку има и такви, кои сакаат да патуваат со приватни автомобили, бидејќи според нив на скопските улици е доста ризично да се помине со софиска регистерска табличка.