Свет

Цените на нафтата над 80 долари, во фокусот понудата 

Цените на нафтата се искачија над 80 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи загриженоста на инвеститорите за понудата ги поттикна очекувањата за поголема побарувачка во услови на ниски температури во САД и Европа.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 71 цент повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 80,47 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето со плус 2,84 долари.

На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 94 центи повисока цена, по 77,51 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето со 2,65 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во петокот поскапел за 1,81 долар, на 77,94 долари.

Пазарите беа потресени на крајот на минатата седмица од новите американски санкции за рускиот нафтен сектор. Во петокот американското Министерство за финансии објави дека вовело санкции за руските нафтени компании „Газпромњефт“ и „Сургутњефтегаз“ и 183 бродови кои превезувале руска нафта, како и трговци, осигурители и транспортери на руска нафта.

„САД преземаат сеопфатни мерки против клучниот руски извор на приходи за финансирање на војната против Украина“, рече американската министерка за финансии Џенет Јелен.

„Логиката на санкциите е да ја покријат секоја фаза од руското производство и дистрибуција на нафта“, рече претставник на Белата куќа, додавајќи дека „нивното правилно спроведување може да ги намали руските приходи за милијарди месечно“.

Новите санкции ќе му нанесат тежок удар на рускиот извоз и ќе ги принудат Индија и Кина да набавуваат повеќе нафта од Блискиот исток, Африка и Америка, велат трговците и аналитичарите. Ова, пак, ќе ги зголеми цените и транспортните трошоци, додаваат тие.

„На пазарот вистински стравуваат од нарушувања во снабдувањето. Се чини дека реалното сценарио за руската нафта е токму она најлошото. Но, не е јасно што ќе се случи кога Доналд Трамп ќе ја преземе (претседателската) должноста следниот понеделник“, објаснува Тамаш Варга од PVM.

Санкциите вклучуваат период на приспособување до 12 март, така што прекините можеби нема да бидат големи, додава Варга.

Санкционираните бродови превезувале 1,7 милиони барели нафта дневно минатата година, според проценките на „Goldman Sachs“, што е еднакво на една четвртина од рускиот извоз. Според тоа, аналитичарите на банката укажаа дека се зголемуваат шансите да ја подигнат нивната проценка за цената на нафтата на лондонскиот пазар оваа година од сегашниот опсег од 70 до 85 долари.

„САД го удвоија бројот на санкционирани танкери, што би предизвикало големи логистички проблеми“, забележуваат аналитичарите на „RBC Capital Markets“.

Многу бродови беа користени за транспорт на руски барели во Индија и Кина, бидејќи Европа веќе престана да ги купува поради претходната рунда санкции, но ги купува руските барели од трети земји, главно од амеркански компании, наводно како преработена. Некои транспортираа и иранска нафта, која исто така е под санкции.

Русија има одреден простор за маневрирање, но на крајот ќе мора да купи танкери кои не се под санкции или да ја намали цената под 60 долари за барел, забележуваат аналитичарите на „JPMorgan“.

Очекувањата за пониска понуда се рефлектираат и во фактот што барелите на физичкиот пазар се значително поскапи од оние со датуми за испорака за неколку месеци, што е одраз на поголема побарувачка под влијание на ниските температури во САД и Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons